Со цел стимулирање на социјалната интеграција и побрзо вклучување на пазарот на трудот, општина Охрид доделува бесплатни курсеви за 20 невработени лица од Охрид за заварувачи, готвачи и машинисти- фини подесувачи на машини . За таа намена од својот буџет општина Охрид издвои 128 000 денари со што покажа дека во континуитет ја реализира обемната социјална политика. Изборот на струките и професиите за кои се наменети курсевите е определен по претходно направено анкетно истражувања во 25 фирми во Охрид, кои покажале дека најмногу потреба имаат од горенаведените профили.
Бесплатни курсеви се доделуваат врз основа на конкурсот кој општина Охрид го распиша денес и ќе трае 10 дена. Тој е објавен на ВЕБ страната на општина Охрид, www.ohrid.gov.mk
- Право на пријавување за овие курсеви имаат лица кои се евидентирани како невработени а кои активно бараат работа, кои се социјални случаи или живеат во семејства со ниски месечни примања и истите се жители на Охрид. Притоа овие лица не смее да посетуваат ист курс во друга институција или фирма. За секој курс кој е во вредност од 8 000 денари, општината има издвоено по 6. 400 денари а остатокот од трошокот ќе го покрие ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“ . Тоа значи дека по овој основ од својот буџет општина Охрид издвои 128.000 денари. Реализацијата на предвидените обуки е срочена во 50 односно 60 часови- истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Курсевите за заварувачи, шивачи и машинисти- фини подесувачи на машини за невработени лица ќе се одржуваат во ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“ Охрид а курсевите за готвачи ќе ги спроведува Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.
-Со поддршка на Локалната самоуправа ги реализиравме бесплатните курсеви по странски јазици,обуки по англиски јазик за такси превозници а сега ќе ги реализираме и трите курсеви за возрасни кои подразбираат нивна преквалификација и ќе им помогнат во подобро снаоѓање на пазарот на трудот. Ние сме спремни по завршување на Конкурсот, кандидатите да почнат со курсевите. Обуките подразбираат теоретски и практичен дел . После тоа следи завршен испит и доделување на сертификати -изјави директорката на ОУ ОГУ „Кузман Шапкарев“,Славица Ристеска.
Професорката на Факултетот за туризам и угостителство- Охрид, Ангела Крстаноска –Василевска се заблагодари на општина Охрид за започнување на проектот кој вклучува обука за готвачи.
-Сметам дека овој проект има исклучително значење. ФТУ – Охрид, секогаш стои на располагање за вакви курсеви. Ние ќе го спроведеме делот што се однесува на обука на гастрономи односно готвачи со тоа што програмата ќе биде поделена во три дела. Едниот е кулинарски , вториот е исхрана односно нутриционизам и третиот дел е диететика. Од предвидените 57 часови, 15 ќе бидат теоретски а останатите практичен дел. Сигурна сум дека кандидатите кои ќе го добијат овој курс покрај сертификат ќе се стекнат со високо професионално знаење. Јас сакам да укажам дека хотелите и рестораните во Охрид во овој момент навистина имаат потреба од многу готвачи. Тоа ми го посочуваат менаџерите од овие објекти со кои сум во постојана комуникација. Токму затоа ја поздравувам оваа иницијатива и почетокот на овој проект- истакна професорката Василевска.
Според Конкурсот што денес го распиша општина Охрид, пријавите со документите се доставуваат во затворен коверт на адреса: Општина Охрид ул.„Димитар Влахов“ бр.57 – Охрид, со назнака „За Комисијата за спроведување на Конкурсот за доделување бесплатни курсеви од следниве стручни профили: заварувачи, готвачи, шивачи и машинисти- фини подесувачи на машини “ или во Архивата на Општина Охрид.
Доставените пријави по Конкурсот за доделување на бесплатни курсеви, ги разгледува стручна Комисија од 3 (три) члена од редот на вработените во општинската администрација.
Ранг листата со избраните кандидати ќе биде објавена на интернет порталот www.ohrid.gov.mk
Бесплатните курсеви за преквалификација на 20 невработени лица кои ги доделува општина Охрид се само дел од богатата социјална политика што за период од две години ја реализира општина Охрид. Меѓу социјалните проекти се: Проектот за стимулирање на наталитетот во Охрид кој општината го започна на 1 јануари 2014 година. По овој основ до денес исплатени се 3.099.969 денари на 558 мајки од Охрид кои се породиле во Општата Болница во Охрид.
По основ на стипендии за талентирани ученици и студенти општината од 04. 04 2013г. до 14.05 2015г. исплатила 1. 342. 500 денари. Со овој проект, во учебната 2013/14 година стипендии се доделени на 21 основци, 15 средношколци и 13 студенти. Во учебната 2014/15 г. оваа стипендија е доделена на 18 основци, 21 средношколец и 6 студенти.
По основ на опожарени куќи чиј број изнесува 13, а во кои се опфатени и објекти кои се опожарени во период на минатата локална власт од 04.04. 2013г. до денес се исплатени 2.905.771. денари.
За поплавените домови во Србија и Босна и Херцеговина, општина Охрид преку Црвен Крст донираше 100. 000 денари а за поплавените домови во источна Македонија 50. 000 денари.
Општина Охрид , во континуитет дава поддршка и на Центарот за згрижување на лица со посебни потреби и реализира бројни други социјални проекти.
Со кликнување на линкот ќе пристапите кон условите за конкурскот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |