Во рамките на проектот на УСАИД за е- пристапно образование, здружението
„ Отворете ги прозорците“ денеска во општина Охрид организира регионална
тркалезна маса посветена на примената на асистивната информатичка
технологија во редовното основно и средно образование.На тркалезната маса
покрај од ОУ „ Братство Единство“ од Охрид, кое е дел од проектот од
2010 година, учествуваа претставници на партнерските училишта од
Битола, Тетово, Гостивар, Дебар и селата Вратница, Бучин и Новаци.
„ Асистивната информатичка технологија сега е поефтина и
подостапна, со што се овозможува нејзина поширока примена во областа
на образованието, особено за лицата со посебни потреби. Во таа насока,
проектот на УСАИД за е- пристапно образование -еднаков пристап за
еднакви можности е препознаен од министерствата за образование, за труд и
социјална политика, за информатичко општество и од локалните самоуправи.
Токму и општина Охрид преку ОУ „ Братсво Единство“ може да се пофали со
одлични резултати од имплементацијата на овој проект и уверен сум дека овие
проекти ќе продолжат- рече на отворањето на тркалезната маса
заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Покрај во Охрид, планирано е да се одржат тркалезни маси уште во три
региони. Целта на овие активности е да се информира стручната и пошироката
јавност за потребите, можностите и придобивките од примената на асистивната
технологија во редовното образование, а учесниците да разменат
искуства и позитивни практики.
Проектот кој се реализира во 31 основно и 2 средни училишта се
спроведува во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за
развој на образованието и Министерството за информатичко општество и
администрација.
Извор: www.ohrid.gov.mk |