Охрид конечно ќе добие дом за стари лица. Почетокот на крупниот проект денеска беше официјализиран со потпишување договор за соработка помеѓу градоначалникот Никола Бакрачески и сопствениците на АД „Илинден“ од Струга, Кристина Трајковска- Костеска и Радован Трајкоски, кои на површина од 8 425 м2 во местото викано Галеш во населбата Даљан ќе го градат домот за стари лица.
-По одржаното јавно наддавање на општина Охрид за отуѓување градежно земјиште , градежната компанија АД „Илинден“ од Струга е избрана за најповолен понудувач и на површина од 8 425 м2 ќе го гради домот за стари лица во Охрид. Почетната цена по метар квадратен беше 1393 денари а на јавната аукција достигната е цена од 1 532 денари по метар квадратен.АД „Илинден“ беше избран за најповолен понудувач кој за земјиштето плати 12 милиони 907 илјади и 100 денари. Од постигнатиот износ по продажбата 80 % одат за општина Охрид а 20 за Министерство за транспорт и врски. По потпишување на договорот за период од една година инвеститорот треба да добие одобрение за градба што значи дека за тој период инвеститорот мора да ја прибави потребната проектна документација. По правосилноста на одобрението за градба , зависно од бруто развиената површина инвеститорот е обврзан за 2 односно 4 години да го изгради објектот. Домот за стари лица е предвидено да има приземје, четири ката и поткровје- објасни градоначалникот Никола Бакрачески .
Кристина Трајкоска- Костеска од АД „Илинден“ – Струга истакна дека како инвеститори ќе се заложат да ги испочитуваат сите обврски од договорот и дека во предвидениот рок ќе го изградат домот за стари лица.
-Со договорот се обврзуваме на рокови во кои треба да издејствуваме одобрение за градба за намената на објектот како и рокови за изградба на истиот, кои планираме да ги запазиме. Во соработка со органите на Локалната самоуправа ќе го изградиме објектот со почитување на стандардите кои се својствени за намената на објектот. Се надеваме дека домот што ќе го изградиме ќе ги исполни очекувањата на граѓаните на Охрид а и пошироко- истакна Трајкоска- Костеска.
Со изградбата на домот за стари лица се реализира уште едно од ветувањата на градоначалникот Никола Бакрачески, а тоа е потврда дека за релативно краток период од неколку месеци во Охрид започнаа неколку крупни проекти меѓу кои се затворениот зелен пазар, современата автобуска станица како и затворениот пливачки базен за кој постапката е во тек.
Со отворањето на домот за стари лица се става крај на маките на повозрасните лица кои не можат да се грижат за себе. Во вакви установи оваа категорија луѓе практично ги добиваат сите неопходни услуги за квалитетна грижа со што се подобрува нивното живеење.
Извор: www.ohrid.gov.mk |