Со пригодна свеченост во Општинската организација на Црвен Крст во Охрид, денеска беше одбележан 17 март, Денот на крводарителството во Република Македонија.Охридската организација е една од најуспешните во собраните единици крв и одзивот на граѓаните кои сакаат да ја даруваат драгоцената течност што спасува животи.
На денешната свеченост на повеќекратните крводарители им беа врачени признанија, а благодарници и признанија им беа доделени на фирми и поединци што дале придонес во развојот и унапредувањето и омасовувањето на крводарителството во регионот на Охрид и Дебарца.Благодарница и беше врачена на општина Охрид, а ја прими градоначалникот Никола Бакрачески.
-Дозволете, во името на граѓаните на општина Охрид на крводарителите да им ги честитам признанијата за повеќекратното давање на крв, со која се спасувани илјадници животи на луѓе во здраствен ризик. Тие и нивните следбеници се врвот на хуманоста, зошто давајќи дел од себе спасуваат животи, не поради некои посебни бенефиции, туку дека така чуствуваат и сакаат да им помагаат на луѓето во невоља.Исто така им честитам на доделените признанија на поединците , фирмите и институциите кои сесрдно го помагале развојот на крводарителството. Особено сум почестен и ја изразувам мојата лична благодарност за признанието што ми го доделивте и Ви ветувам дека и во иднина , како човек, лекар, хуманитарец и сега како градоначалник ќе продолжам со поддршката на промовирањето на крводарителството и другите акции што ќе ги спроведува општинскиот Црвен Крст- рече градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на Црвен Крст – Охрид Сашо Точков рече дека минатата година има едно лице кое 100 пати дарувало крв, двајца кои тоа го направиле 50 пати, а има и граѓани кои дарувале по 25 и десет пати. „ Крводарителството во општинската организација е една од дејностите на која активно се работи и постојано ја унапредуваме. Здравствените техники во последно време се посовремени и има помала потреба од крв и крвни продукти.
- Со исполнетиот план во 2014 може да кажеме дека сме ги исполнале потребите на сите здравствени установи во Охрид и Дебарца, рече претседателот на Црвен Крст- Охрид, Сашо Точков.
Извор: www.ohrid.gov.mk |