Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СТРАНСКИ КОМПАНИИ СЕ ИНТЕРЕСИРААТ ЗА ИЗГРАДБА НА СКИ ЦЕНТАРОТ“ ГАЛИЧИЦА“
Untitled Document

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески денес најави дека неколку  странски компании  пројавиле интерес за инвестирање во изградба на ски- центарот на Галичица како и дека  преговорите со потенцијалните инвеститори се уште траат.


-          Во овој момент изработена е физибилити студијата и мастер планот  за изградба на овој центар. Во меѓувреме МЕПСО Македонија објави оглас за пројавување интерес за изградба и стопанисување со ски центарот и тој оглас е се уште во тек. Од она што јас можев да го добијам како информација од претставниците на МЕПСО  и владините  економски промотори знам дека неколку странски компании пројавија интерес за евентуално инвестирање. Имаше неколку концерни од Швајцарија, Австрија Азербејџан. Преговорите на економските промотори на Владата и надлежните служби од „МЕПСО“ со потенцијалните инвеститори се уште траат и доколку се најде сериозна понуда за инвестирање во таков крупен зафат што чини десетици милиони евра, Владата ќе пристапи кон објавување на тендер како следна фаза во реализацијата на тој проект,  изјави градоначалникот  Бакрачески.


Поканата за пројавување интерес беше објавена кон средината на јуни годинава, на  заинтересираните инвеститори им беа понудени два пакета, и тоа првиот за изградба и стопанисување со ски -центарот и комплексот на Галичица од страната на Охридското Езеро, а вториот за изградба на туристички комплекс од преспанската страна.

Агенцијата за имплементација (АД МЕПСО) изработи Физибилити студија и Мастер план за изградба на ски центар . Проектот е во неколку фази и опфаќа две гондоли за осум патници, седум ски лифтови од кои два до три четворосед жичници, ски лифтови тип сидро и подвижни ленти кои се високо безбедни и наменети најмногу за деца и почетници.
Според проектот, ски центарот Галичица се планира да биде центар од средна големина со капацитет да прими околу 3 500 скијачи дневно, капацитет на ски лифтовите 8800 скијачи /час и околу 12км должина на ски патеки. Во рамките на центарот се планира вештачка акумулација, систем од снежни топови за правење на снег, специјални ратрак машини кои покрај основната опременост ќе мора да имаат и дополнителна опрема, витло за совладување на стрмни нагиби и над 70%.
Низ целиот комплекс предвидени се и дополнителни помали туристички објекти, ресторани, хотели и забавни содржини плански организирани и корисни во текот на целата година (карпи за качување, патеки за велосипедизам). Покрај патеките за алпско скијање, предвидена е патека за нордиско скијање, а целиот ски комплекс ќе се протега на висина од 1580м до 1930м.
При анализата на планинскиот терен, земен е во предвид и јужниот дел попознат како Стара Галичица каде се наоѓаат и највисоките врвови Магаро 2252м и Кота Ф10 2.265 м, која според анализите нуди многу поволни ски услови.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1362  пати
Објавено на: 31.10.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©