Соработката со грчкиот град Воден која на градот Охрид му отвора можност за заедничко аплицирање до 530.000 евра кои стојат на располагање како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка на општините од пограничните региони на земјите кои граничат со Е.У. од денес почна да се спроведува на највисоко ниво.
Градоначалникот Никола Бакрачески денес ја имаше првата официјална средба со градоначалникот на Воден Јану Димитриос, а присуствуваше и на официјалната прзентација на проектот ''Вотернет'' кој двата града го спроведуваат преку високообразовните установи ФТОН од Охрид и Универзитетот ''Аристотел'' од Солун.
Во своето обраќање на презентацијата на проектот, пред професорите од Универзитетот ''Аристотел'', Бакрачески истакна дека прекуграничната соработка е од големо значење за градењето на стабилни односи и отворање на врати за соработка на повеќе полиња од заеднички интерес , а како главна цел на Локаланта самоуправа што се однесува до можностите кои се отвораат со овој проект Бакрачески рече дека е крајезерската инфраструктура.
- Како примарна цел е да дојдеме до средства за финансирање на градба на нова и подобрување на постојната инфраструктура крај езерото. Потоа треба да се напомене можноста која се отвора за соработка на факултетот од Охрид со Универзитетот од Солун што е од голема важност, а исто така важни се и искуствата кои ќе ги стекниме, бидејќи Воден со години соработува и успева да добива средства од овие фондови, а Охрид за жал во годините наназад останал без вакви искуства - рече Бакрачески.
Охрид прв пат успеа да добие пари од овие фондови за градба на патеката кај ''Студенчишта'', каде се изградија 200 метри со средства добиени од овие фондови.
Според презентираното соработката треба да ги опфати двата града во делот на градба на информативни туристички пунктови, за што во Охрид е планирано да се изгради информативен пункт кој ќе има форма на едрилица и ќе е во центарот на градот, потоа предвидени се медиумски активности кон подигање на свеста кај населението за важноста на водата, а посебно внимание ќе се посвети на два настани поврзани со вода во двете општини и тоа ''Денот на рибарите'' во Охрид и ''Фестивалот на водата'' кој се одржува во Воден, а со настан поврзан со вода ќе се вклучи и градот Солун каде ќе се одбележи меѓународниот ''Ден на водите''.
Извор: www.ohrid.gov.mk |