Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ДОСТОЈНА НА ПАТРОНОТ СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Untitled Document

Синоќа со одржувањето на Свечената Академија во НУЦК “Григор Прличев“, завршија чествувањата за празникот Свети Климент Охридски. Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Никола Бакрачески истакна:

-Во долговековната историја на Охрид еден цел ред на значајни личности и настани го одредуваа неговото патување низ историските времиња, оставајќи свој белег врз иднината на овој вечен град. Божественото дело на Свети Климент Охридски е оној препознатлив и безвременски знак, кој ги исцрта историските контури на духовно и културно воздигнување на нашиот македонски народ.  Повеќе од 11 века Светиклиментовото слово силно зрачи низ времето, давајќи светлост во мрачните времиња и осветлувајќи го патот за опстојување низ историските премрежија. Свети Климент за Охрид, за Република Македонија и за Македонската Православна Црква, не е само христијански светител и чудотворец, туку тој е нашата нитка со која ние се поврзуваме со Бога. Во своето обраќање градоначалникот Бакрачески зборувајќи за предизвиците на денешнината, ја истакна исконската поврзаност на Охрид и охриѓани со светецот и патоказот за идните генерации:

- Секоја генерација има своја одговорност во градењето на иднината и развој на нацијата. Нашата одговорноста е соочување со денешните предизвици и изнаоѓање на вистинските решенија за натамошното опстојување.  Времињата никогаш не се лесни и секогаш има моменти на преиспитување на сопствената улога и место во движењето кон прогресот. Охрид заслужува просперитетна иднина. Натоварен со славата и честа на нашите претходници, со светоста и смиреноста во ѕидањето на духовната и културната кула на знаење и мудрост, ние сегашните генерации имаме исклучителна одговорност да го надградиме тој однос кон нашиот град. Потребно е целосно посветено и преку вклучување на целиот интелектуален, економски, духовен, културен, политички и општетствен потенцијал, да придонесеме во натамошното надградување на овој вечен град. Тоа е нашата должност кон генерациите кои ќе доаѓаат и после нашето заминување од овоземскиот свет, но тоа е и огромна обврска кон оние свети личности и нивните дела со кои тие трајно го обележаа Охрид како брилијантно парче во мозаикот на европските цивилизациски вредности.    Ние охриѓаните веруваме дека свети Климентовиот дух, сеуште лебди над градот, деноноќно бдеејќи и чувајќи го од зло време.  Токму затоа, во охридските домови никогаш не згаснува кандилото пред ликот на Светецот. Нам ни останува само да бидеме вечни чувари на споменот и делото на безвремениот светител и учител, Светиот Климент Охридски- Заштитникот на нашиот град.

На свеченоста беа доделени и годинашните признанија: Наградата “Св. Климент Охридски“ му беше врачена на доајенот на македонскиот спорт, Александар Леко Радич, а повелби им беа доделени на оперската певица Миланка Новеска и фотографот Стојан Стојаноски. Од името на наградените се заблагодари Алекадандар Леко Радич кој истакна:

-Чест ми е што вечерва на овој наш голем празник стојам со певицата Миланка и фотографот Стојан, млади добитници на повелбата “Св. Климент Охридски – патронот на Охрид“. Тие треба да бидат светол пример за нашата младина и патоказ дека само со труд и со добри дела треба да се живее и да се твори. Светиклиментовата награда што јас ја добив е за мојата душа и живот оставени на среде езеро, меѓу охридските бранови. Таму, меѓу езерското синило остана мојата младост и целиот живот. Наградата ги разбранува моите емоции, ме врати во годините наназад и ги разбуди спомените на едни убави времиња. Денес, посебно се присетувам на познатите охридски и светски пливачки асови Атина и Дики Бојаџи, Нико Нестор, Климе Савин и Александар Маленко. На сите тие години посветени на маратонот, на езерото, на Охрид им ја посветувам Светиклиментовата награда, но и на моето семејство и моите соработници. На крај, сакам да Ви се заблагодарам на сите и да Ви ги кажам моите две големи желби со кои сметам ќе се препороди охридското пливање, охридскиот спорт и целото охридско живеење: Зимски пливачки базен и скијачки центар на Галичица му требаат на овој златен Светиклиментов град. Да сте живи и здрави.

Уметничкиот дел од програмата,  помина во знакот на прекрасните музички нумери на хорот од ОСУ “Св.Климент Охридски“, вешто одбрани стихови на актерот Стрезо Стаматовски и одлична сценографија и визуелизација на настанот,вешто водена од режисерската палка на актерот Горан Стојаноски.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1355  пати
Објавено на: 09.12.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©