Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НЕЗАБОРАВНО НА НАЈЛУДАТА НОЌ НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД ВО ОХРИД
Untitled Document

  Со спектакуларен  огномет, со музика и смеа на градскиот плоштад во Охрид, огромен број охриѓани и гости претежно од соседството  ја  испратија старата и дочекаа Новата 2014 Година. За подигнување на адреналинот и доброто расположение се погрижија естрадните уметници   Викторија Лоба, Ламбе Алабакоски, Наум и Анастасија Петрески, Зуица Лазова , Групата Синтезис и оркестарот Агушеви.
На најлудата ноќ во годината  на плоштадот меѓу своите сограѓани  беше градоначалникот Никола Бакрачески кој  на неколку минути пред полноќ на сите охриѓани и бројните гости им посака здрава,среќна и успешна 2014-та година исполнета со радост и среќа во срцата и домовите.

- Почитувани сограѓани влегувањето во новата година, претставува почеток, нова енергија и надеж, нови успеси, но и предизвици кои ќе треба да се надминуваат. Ова се празнични моменти исполнети со желби за здравје, спокој, оптимизам и разбирање. Моменти кога празничната атмосфера не прави блиски до нашите семејства, пријатели, соработници. Ова се моменти на солидарност и заедништво. Да направиме се за да ги решиме проблемите кои заеднички можеме да ги совладаме, да се потрудиме да го изградиме Охрид како заеднички дом во кој ќе владее напредокот и разбирањето и секој од нас да биде креатор на поперспективна иднина. Ви посакувам среќна и успешна 2014-та година. Вашите домови нека се исполнети со радост и среќа, а вашите срца со топлина и љубов. Среќни празници- рече Бакрачески.       

Понудените содржини во организација на Локалната со задоволство и радост  беа примени од бројната публика која до раните утрински часови играше, пееше и се забавуваше а најмладите се лизгаа на лизгалиштето.

Инаку за Новогодишните и божиќни празници Охрид е преполн со гости претежно од соседството кои   годинава   за  новогодишни пакети со три ноќевања на база полу пансион и свечен дочек на Новата Година  плаќаат цена не повисока од 150 евра, со вклучен превоз.
За охридските ресторани стандардно важи понудата на целовечерни пакети, а цената варира зависно од локалот и понудата, нешто пониски од минатогодишните. Цената на самиот дочек, односно за вечерта на 31 декември наспроти 1 јануари,  чинеше 35 евра . Втората вечер или вечерта на 1 кон 2 јануари, менито во најпознатите охридски ресторани е до 20 евра.
Среќна 2014-та Година!

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1263  пати
Објавено на: 01.01.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©