Во рамки на работната посета во Охрид, Премиерот на Република Македонија и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески ја пуштија во употреба реконструираната улица „Ристо Чадо“ .
Градоначалникот Никола Бакрачески пред присутните истакна дека Охрид во 2015-та и 2016-та година ќе остане забележан по градежната експанзија која му се случува на Охрид.
-Со години наназад улицата “Ристо Чадо“ беше тема користена за дневно политички потреби, без притоа граѓаните кои живеат на овој простор да имаат ефективна полза од таквата празна политичка реторика. Денес, улицата „Ристо Чадо“е реконструирана по целата нејзина должина од 692м и ширина од 6 метри. На улицата е поставен тампонски слој по што следеше поставување на нов слој висококвалитетен асфалт со дебелина од 7 см. Се изгради атмосферска канализација по целата должина со профил Ф 400, и веќе е приклучена кон атмосферската канализација на улица „15 Корпус. За прв пат граѓаните не мора да се „дават“ по вода при првите дождови “. Поставени се сливници во склоп на атмосферската канализација. Исто така за прв пат на оваа улица изградени се тротоари од двете страни по целата нејзина должина. Со тоа на граѓаните кои живеат во оваа населба повеќе нема да им прети опасноста да настрадаат во сообраќајни незгоди движејќи се по оштетените и руинирани коловозни ленти. Според договорот вредноста на проектот кој се однесува на поставувањето на атмосферската канализација по целата должина на улицата е 6. 355 247 денари а вредноста на реконструкцијата на улицата е 11. 196 607 денари. Драги сограѓани, можеби темпото на реализација на зацртаните проекти некогаш отстапува од проектираната временска рамка, но со максимална посветеност успеваме да ги реализираме зацртаните задачи и да го одржиме дадениот збор. Продолжуваме да го градиме Охрид со цврсти чекори без застанување и во еден здив- рече градоначалникот Бакрачески
Премиерот Никола Груевски изрази задоволство што во Охрид во континуитет успешно се реализираат проекти кои се значајни за охриѓани.
Реконструкцијата на улицата „Ристо Чадо“ беше едно од најчестите барања на жителите од ова место. Барањето беше исправно и сосема на место со оглед на тоа како изгледаше улицата претходно, без сливници и атмосферска канализација. Како резултата на тоа луѓето возеа по дупки и нерамнини, при поголеми дождови се собираше вода по дворовите , се правеа вирови на улицата а пешаците нема каде да се движат затоа што улицата воопшто немаше тротоари. Денес повеќе не е така, улицата е целосно реконструирана, изградена е атмосферска канализација, изградени се тротоари, поставено е улично осветлување и разликата е сосема очигледна. Имам големо задоволство што како Влада успеавме да и помогнеме на општината и на градоначалникот Бакрачески да се решат овие проблеми. Конечно, улицата доби лик на нормална улица и таа ќе обезбеди подобра комуникација помеѓу с. Велгошти ,населба Видобишта и останатите населени места во регионот- рече Премиерот Груевски и истакна дека како Влада секогаш ги слушаат и нстојуваат да ги решаваат проблемите на сите граѓани од земјава не зависно дали истите се големи или мали.
Нашите политички опоненти знаат да се смеат и подбиваат со нас кога одиме во помалите места и кога пуштаме вакви улици , патишта, водоводи и канализациони мрежи. Се смеат затоа што ваквите проблеми на граѓаните не ги чувствуваат, не се важни за нив , немаат чувство за тоа. Од друга страна ние проблемите не ги делиме на големи и мали, на проблеми од градови или села. Нас не засегаат проблемите од сите граѓани и ние настојуваме да ги решиме што е можно подобро и побрзо независно дали тие се големи или мали и колку што можеме повеќе насекаде низ Македонија. Во изминатиот период и покрај тоа што го имавме претходниот градоначалник на Охрид кој се обидуваше што повеќе да ги блокира проектите на Владата или каде што таа нешто може да помогне, најдовме начин за изградба и реконструкција на повеќе вакви локални патишта и улици во охридскиот регион. Го направивме патот за манастирот Св. Недела кај Оровник, го изградивме локалниот пат за Велгошти, патот од с. Лескоец до с. Скребатно, патот до селата Лакочере Орман. Помогнавме во изградбата на патот Вапила – Сирула. Во изминатите месеци се градеше и улицата „Илија Смически“ во с. Лескоец. Од една страна градиме автопати а од друга вакви локални улици. За нас е важно секое делче од Македонија и секој еден жител без разлика кој е и што е, дали живее во град или во приградска населба или во село. Сите за нас се подеднакво важни сите ги почитуваме, сакаме на сите да помогнеме ,затоа што понекогаш ваквата улица на некој граѓанин многу повеќе му значи отколку автопат- рече Премиерот Груевски.
Во рамки на посетата во Охрид, Премиерот Никола Груевски опридружба на градоначалникот Бакрачески беше во с. Лескоец каде реконструирана е улицата „Илија Смически“ со должина од 1100м и ширина од 4м. Таму претходно се изврши комплетно отстранување на стариот асфалтен слој, по што се работеше на подобрување на подлогата со поставување на тампонски слој и асфалтирање на улицата со нов слој на високо квалитетен асфалт со дебелина од 7см. Вредноста на овој проект е 5.539.681 денари.
Извор: www.ohrid.gov.mk |