Во рамки на обиколката на градежните активности кои се одвиваат во Охрид и околината, градоначалникот Никола Бакрачески ја посети и населбата „Даљан“, каде деновиве, започна изградбата на атмосферска канализација. Со овај зафат се решава еден од поголемите проблеми кои жителите од оваа населба го имаа со години наназад и кој, како приоритет го издвоија при неодамнешната средба со градоначалникот.
Во населбата „Даљан“, започнува реализацијата на уште еден наш значаен проект, а тоа е изведување на атмосферска канализација во целата населба, почнувајќи од улица „Сатеска“ потоа улица „Мича Гилиќ“, „Трајче Трајчески“ и уште неколку краци на овие улици. Во изминатите години, граѓаните на оваа населба мака мачеа со водите при обилните врнежи и со поплавите кои што за жал ги имавме и оваа година. Се надеваме дека со овај мошне значаен проект, еднаш за секогаш ќе завршат маките на граѓаните од оваа населба, рече градоначалникот Бакрачески.
Според проектот предвидено е атмосферската канализација да се протега во должина од 1 025 метри. Покрај канализацијата, на тротоарите ќе се градат сливници и шахти во кои ќе се собира атмосферската вода, која што понатака како чиста атмосферска вода ќе се влева во езерото. Веднаш по завршувањето на активностите за реализација на атмосферската канализација, ќе се реконструираат тротоарите на улиците каде се одвиваат градежните активности, а после тоа ќе следи и асфалтирање на улиците.
Проектот за изградба на атмосферска канализација во „Даљан“ изнесува над 8 милиони денари, реконструкцијата на тротоарите и асфалтирањето изнесува 5 милиони и 500 илјади денари. Целокупниот проект за изградба на атмосферската канализација и реконструкцијата на тротоарите заедно со асфалтирањето е финансиран од средствата кои Светска банка ги додели за реализација на повеќе проекти во општина Охрид.
Во населба „Даљан“ покрај овај крупен проект се реализираат и уште неколку други поголеми зафати.
Она што е значајно за оваа населба заедно со населбата „Воска“ е дека во исто време се гради и крстосницата помеѓу Булеварот „Туристичка“ и улицата „Бистрица“, се гради и двојното игралиште за одбојка и фудбал на песок, а за многу брзо ќе пристапиме кон изградба на едно комбинирано спортско и игралиште за деца, додаде градоначалникот Бакрачески.
Сите градежни активности планирано е да завршат пред почетокот на летна сезона, со што Охрид, туристичката сезона ќе ја пречека со подобрена инфраструктура, а од септември активностите да продолжат со динамика која што е предвидена.
Извор: www.ohrid.gov.mk |