Претседателката на охридскиот совет Гордана Коњаноска и градоначалниците на Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, и Свети Николе како и претставник од Здружението за развојни иницијативи – Геостратешки институт „Глобал“ вчера во Скопје потпишаа меморандум за соработка за спроведување на проектот, Традиционални спортски игри, “Спортски бон-тон“.
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на проектот, посочи дека спортот заедно со семејството и училиштето е третиот столб на образованието на децата.
Проектот „Спортски бон-тон“ има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се надминуваат стереотипите и се зацврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија .
Проектот , кој се одржува трета година по ред, е поддржан од Амбасадата на САД. По тој повод Амбасадорот на САД во Македонија , Пол Волерс истакна дека добриот спортски однос, дружењето, соработката и тимската работа никогаш не излегуваат од мода. Тие се основите на кои се надградуваат победничките тимови и успешните заедници ширум светот.
Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.
Оваа година, проектот Традиционални спортски игри „Спортски бон-тон“ ќе се реализира во периодот од јуни до ноември 2014 година преку спортско-културни манифестации во шесте општини потписнички на меморандумот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |