По прес конференцијата што градоначалникот Бакрачески ја одржа во Скопје,
многу медиуми покажаа голем интерес за Охрид и работата на градоначалникот
Бакрачески. За интернет порталот Прес24, градоначалникот Бакрачески говори
за актуелниот момент и плановите што Локалната самоуправа ги презема за во
иднина.
На прашањето за негативната кампања која медиумите ја шират за Охрид,
градоначалникот посочи дека „секоја година почнувајќи од мај, па се
до крајот на август Охрид е изложен на медиумски напади кои дури некогаш
наликуваат и на медиумски линч, како што е примерот со оваа година каде
имаме кулминација на пласирањето на дезинформации, полувистини и
тенденциозни прилози со кои се креира извртен имиџ дека Охрид е скап град со
слаб квалитет на услуги и нељубезност на домаќините“.
Што се однесува на медиумските напади кон Охрид, дали тие се организирани,
Бакрачески изјави дека - „се работи за спорадични новинарски
тенденции за кои сите во Охрид се сомневаат дека имаат своја позадина и дека
се најверојатно финансиски мотивирани. Без да прејудицира кој би можел да
стои зад сето тоа градоначалникот додаде дека логично е ако константно се
напаѓа Охрид како водечки центар во земјава, да има мотив за тоа. Овие
кампањи не се прават за забава, туку се претпоставува дека се осмислени и
финансиски мотивирани. А за тоа кој би можел да има корист од ваквите
напади, можеме само да претпоставуваме дека тоа би биле некои туристички
агенции и чинители кои се специјализирани за организирање на летување и
патување во соседството“.
Забелешка на туристите е и односот кон нив. Што мислите Вие, дали Охрид и
охриѓани се добри домаќини?
- Охриѓани се
добри домаќини и точно по тоа сме надалеку познати! Спорадични случаи има
насекаде и во Грција и во Хрватска и во Шпанија и Италија и тие не можат да
бидат репер за генерална оценка. Времињата кога во Охрид имало несоодветен
третман се минато, денес за жал останаа само шегите, досетките и вицовите за
охриѓани како лоши домаќини, рече Бакрачески.
Околу подобрувањето на секојдневната слика за Охрид и потребата од подобра
организација на градот, градоначалникот изјави - „дека во овие 15
месеци од кога е тој градоначалник Охрид како да тргна од почеток.
Паркинзите во градот денес се сосем поинаква слика од она што беа некогаш.
Плажите ова лето се постојано контролирани од инспекторатот, дали се
придржуваат до обврските кои произлегуваат од концесионерскиот договор“.
За стратешкиот развој на туризмот за да стане одлично место за туристите,
Бакрачески изјави - „дека низ една тесна соработка со експертската
јавност, со вклучување на се поголем број на професионални и едуцирани
кадри, како и во соработка со Владата на Република Македонија, Агенцијата за
промоција и поддршка на туризмот, еснафските организации и телата на Светска
туристичка организација, ќе се изработува новата стратегија за развој на
туризмот. Исто така ќе бидат искористени и услугите кои ги понуди Секретарот
на Светската туристичка организација Талеб Раифи. Но она што навистина му
недостига на градот во овој момент е стратегија за маркетинг и промоција.
Една од опциите е ангажирање на странска консултантска куќа за изработка на
маркетинг стратегија“.
- Во моментов
се почнати градежните зафати за подготовка на теренот за изградба на
хотелскиот бренд „Small Luxury hotels“. Во завршна фаза е и подготовката на
документацијата за изградба на хотелот на „Фибула“ во центарот на градот до
каналот Сутенчишта. А она што е најинтересно е што странски државјани
пројавуваат зголемен интерес за градба на куќи и купување на станови за
доселување во Охрид. Сето тоа е одличен показател дека Охрид е ставен на
европската мапа за трговија со недвижности и тоа ветува многу -
истакнува Бакрачески.
За изградбата на автопатската делница од Кичево до Охрид и новиот патен
правец до Свети Наум, градоначалникот Бакрачески рече дека -
„автопатот ќе го доближи Охрид пред се до метрополата Скопје, а со самото
тоа и до светот. Туристите ќе имаат можност полесно, побезбедно и побрзо да
стигнат во Охрид било тоа да пристигаат во Македонија по копно било со
авион. Со средства од владата на Република Македонија, во план е изградба на
нов експресен пат од Охрид до Пештани во прва фаза, а потоа и кон Св. Наум,
што претставува проект со кој значително се подобрува инфраструктурата и
патното поврзување. Ние како Локална самоуправа правиме напори и
обезбедивме буџет преку субвенционирање на летови да овозможиме директни
летови кон и од охридскиот аеродром, со што значително ќе го зголеми бројот
на странски туристи во Охрид“.
Околу прашањето дали Охрид претставува викенд туристичка дестинација,
Бакрачески со одговор:
- Чесно е да
се каже дека има вистина во таа констатација. Како што кажав најголемиот
број домашни туристи во Охрид се од Скопје, Битола, Кичево и Прилеп, но ги
има од секаде во државата. Нема прецизни податоци колку пати едни исти луѓе
доаѓаат во летото, но факт е дека има луѓе кои доаѓаат по три, четири па и
повеќе пати во текот на летото во Охрид, без разлика дали е тоа викенд или е
во работни денови. Кај странските туристи имаме поинаква ситуација. Охрид за
нив најчесто е дестинација за подолг престој и тие престојуваат од 5 до 10
дена во градот. Туроператорите оваа година ги имаат закупено поголемите
хотели во Охрид скоро за 6 месеци, за гости од земјите на Бенелукс и
Турција.
- И покрај
лошите временски услови, каде не успеавме да доживееме барем три дена
поврзани со сончево време без да врне, бројот на гости заклучно со јуни е
поголем за 2,6 проценти во односи на минатата година. Исто така и бројот на
странски гости во овој период е зголемен за 6,5 проценти, а на домашните е
намален за 4,7 %. Очекуваме до крајот на летото, доколку дозволат
временските прилики, севкупниот број на гости да оди во нагорна линија -
додаде Бакрачески.
„Намалување на невработеноста преку конкретните мерки кои ги
презема Владата со привлекувањето на странски инвестиции не само во
индустриските зони туку и во запуштените и пропаднати индустриски
капацитети, значи отворање на нови работни места и подигање на
локалниот економски раст. Самото тоа ќе биде мотив плус и надеж за младите
да градат кариера тука, да ја гледаат својата перспектива во родното место
без да мислат за иселување во Скопје или надвор од државата“ –
заврши градоначалникот Никола Бакрачески во интервјуто дадено за порталот
Прес24.
Извор: www.ohrid.gov.mk |