Студенти, ученици, наставници и професори, општинската администрација и активисти во цивилниот сектор зедоа учество на Инфо денот одржан во Охрид како дел од новиот циклус на промотивни активности за програмата „Еразмус плус“ во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија.
Денес имаме особена чест и задоволство Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да организира Инфо ден во Општина Охрид, на кој пред охриѓани ќе бидат претставени можностите кои ги нуди програмата „Еразмус плус“. Особено не радува фактото што преку оваа програма и преку тимот на Националната агенција, Република Македонија е веќе во рамки на ЕУ во делот на образованието, младите и спортот, каде државата претставува програмска земја која полноправно може да ги користи сите придобивки кои ги нуди програмата „Еразмус плус“. Општина Охрид веќе подолго време во рамки на своите училишта и институции кои се под надлежност на градот, дополнително стимулирајќи ги НВО, младите, организациите од областа на спортот се труди да биде дел од овој процес затоа што практично овој процес се поклопува со нашите заложби и идеи за воведување на нови алатки во рамки на образовните институции од Охрид. Од минатиот Инфо ден кој се одржа минатата година, имаме сериозен напредок во однос на подготовка на проектите, а на наше огромно задоволство може да најавиме дека веќе еден проект на електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид, доби грант и околу триесеттина ученици и професори уште оваа пролет ќе имаат можност за посета на друго средно стручно училиште во Турција, со што покажува сериозен сигнал во однос на искористување на овие европски фондови кои ни стојат на располагање, рече секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.
Презентери на настанот беа директорот на Националната агенција Дарко Димитров, М-р Александар Богојевски и М-р Никола Јаулески, претставници на Агенцијата кои ја претставија програмата на Европската комисија во делот на образованието, обуката и младите, „Еразмус плус 2014-2020“, како и иницијативите на ЕУ, „Еуропас“ и „Евридика“.
Сите учесници на инфо денот беа охрабрени да земат директно учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални мобилности, соработка за иновација и размена на добри практики, како и поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови на активности. Токму, програмите се со цел учесниците да се стекнат со искуства од своите врсници и колеги од цела Европа.
Во склоп на кампањата што ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за подигнување на видливоста на европските програми, особено на европската програма за образование, обука на млади и спорт, програмата „Еразмус плус“, а исто така и во контекст на досегашната добра соработка со локалните заедници, особено со Локалната самоуправа на Охрид го организираме овој Инфо ден кој практично треба да им послужи на сите инволвирани во образовните процеси во општина Охрид и општините кои гравитираат околу Охрид за да се запознаат со програмата и можностите кои ги нуди „Еразмус плус“, истакна директорот, Дарко Димитров.
Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, стажирање, предавања воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции, но и да развиваат билатерални и мултилатерални партнерства, зависно од секторот.
Вкупниот буџет за „Еразмус плус“ изнесува 14.7 милијарди евра, зголемувајќи го претходно постоечкиот буџет за сите програми за 40%. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации.
Исто така, голем интерес се покажа за акција - „Учењето преку индивидуални мобилности“ која создава можности за индивидуите да ги подобрат своите вештини, подобрување на вештините за вработување и зголемување на културната свест.
Димитров на крајот најави дека ќе продолжи соработката со Општина Охрид, се со цел мобилизација на училиштата и цивилниот сектор за поголемо учество во програмата „Еразмус плус“.
Извор: www.ohrid.gov.mk |