Со подобрена инфраструктура и со зголемени промотивни активности,
Општина Охрид очекува успешна летна туристичка сезона.
Градоначалникот Никола Бакрачески на денешната средба со
новинарите, истакна дека до почетокот на летната
туристичка сезона ќе бидат завршени најголем дел од
проектите кои општината ги започна со поддршка на Светска
Банка.
-Во Општина Охрид во овој период се случува засилен
инвестициски циклус. Веќе е завршено асфалтирањето на патот од автокампот
„Елешец“ до село Елшани со должина од 2.258 метри а заврши и првата
фаза од асфалтирањето на патот Охрид Велестово. До почетокот на летната
сезона ќе биде асфалтирана улицата „Питу Гули“ во должина од 768 метри а ќе
бидат изградени и тротоарите од двете страни. Ќе заврши изградбата
на кружниот тек на пресекот од улиците „Туристичка “ и „Бистрица“ каде ќе
биде поставена и нова атмосферска канализација. До почетокот на
летото нова атмосферска канализација ќе добијат улиците „Мича Гилиќ “,
„Трајче Трајчески“ и „Сатеска“ во населба Воска- Далјан во должина од
1 025 метри. Атмосферска канализација ќе се поставува и на улицата „Ристо
Чадо“ во должина од 692 метри. По поставување на атмосферската
канализација овие улици ќе бидат комплетно реконструирани и
асфалтирани а ќе се изградат пешачки зони и тротоари, истакна
градоначалникот Бакрачески најавувајќи дека до почетокот на летната
туристичка сезона ќе биде изграден двојниот терен за одбојка и
фудбал на песок во месноста Грашница како и спортското игралиште во Трпејца.
Пред почетокот на летната сезона ќе биде реконструиран уште еден
дел од кејот во туристичката населба Пештани со пешачка зона а
просторот хортикултурно ќе биде уреден . Веќе се привршува еден
дел од канализационата мрежа помеѓу крајбрежните одморалиштата
„Партизан“ и „Младост“.
-На потегот кај каналот Студенчишта кон некогашниот хотел „Парк“ ќе биде
завршена првата фаза од реконструкцијата на пешачката зона и ќе се изгради
туристичката променада која ќе опфаќа најсовремено осветлена пешачка зона ,
велосипедски и патеки за ролери. Пред престојната летна сезона
ќе завршат и градежните работи за изградба и реконструкција на
плоштадот кај ОМУ „Методи Патчев“, додаде градоначалникот
Бакрачески посочувајќи дека локалната самоуправа интензивно го подготвува
градот и во делот на реализација на проекти за привлекување поголем број
туристи што значи и создавање на атрактивни туристички понуди.
-Вроди со плод априлската промо- тура што општината втора
година по ред ја организираше за туроператори, туристички агенции, медиуми
и туристички списанија од Турција, Србија, Израел, Русија, Бугарија,
Словенија, Украина, Унгарија и Австрија. Двете најгледани сателитски
турски телевизии ATV и Ahaber, веќе објавија репортажи за Охрид.
Репортажи ќе се објават и во десетте електронски и печатени
списанија од нивната медиа групација, како и во GLOBER - JETLIFE eдно
од најпознатите печатени списанија кое се дистрибуира во авио компанијата
„Atlas Global“. Дополнително, Охрид ќе биде промовиран со написи
во специјализирани медиуми за туризам во Хрватска и Србија а во
Словенија во списанието „Хоризонт“ веќе е подготвена репортажа за
Охрид. Со тоа се реализираат заложбите на Општина Охрид за туристичка
промоција на градот во целиот регион со главен акцент на оваа туристичка
сезона. Преку учеството на туристичките саеми во Белград,во Советот на
Европа во Стразбур и во Прага- Република Чешка, како и
активното партиципирање со промотивни материјали на
меѓународните туристички саеми во Утрехт, Хелсинки, Истанбул, Брисел,
Софија, Берлин, Москва и Гетеборг, и планираните промоции во Љубљана,
Сараево и Израел, настојуваме да донесеме поголем број
странски туристи кај нас. На меѓународниот туристички пазар годинава
настапуваме со комплетно нов промотивен материјал за Охрид кој и во
обем и содржина се разликува од претходниот , а во овој момент во
финална подготовка е луксузната брошура за Охрид. Се подготвува и
монографија за Охрид со што општината за прв пат објавува ваков тип на
промотивен материјал, подвлече Бакрачески и посочи дека
посебна гордост на реализираните заложби на Општина Охрид за привлекување
странски туристи но и на потенцијални инвеститори се директните авио
линии од охридскиот аеродром до познати странски дестинации.
-Од 14 јуни годинава од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ стартува
директната авиолинија Охрид- Лондон а од 1ви јули Охрид -Базел и обратно.
Авио компанијата „Wizzair“ која што по јавниот оглас на општина
Охрид за субвенционирање на авио летови беше избрана за најповолен понудувач
е обврзана во сите свои авиони на сите дестинации каде летаат , во
печатените промотивни магазини на две страни да објавува промотивни
содржини за Охрид- потенцира Бакрачески.
Со цел да се надминат недостатоците од минатите туристички
сезони, пред стартот на летото Општината има предвидено
одржување работни состаноци со сите релевантни субјекти во Охрид поврзани
со туризмот како што се полиција, УЈП, инспекциски служби, станоиздавачи,
угостителски сектор. Со цел подигнување на квалитетот на сервисот и
услугите во угостителскиот сектор , на крајот од овој или почетокот од
наредниот месец, локалната власт заедно со Факултетот за туизам и
угостителство, ќе спроведе бесплатни обуки за готвачи. На потребата од
ваков профил на кадар укажаа и резултатите од анкетното истражување кое
Секторот за ТЛЕР го спроведе, а чија што цел беше утврдување на типот на
дефицитарни кадри во Охрид. Со воведувањето на мерката за субвенционирање на
приватни станоиздавачи, Општина Охрид ја намали туристичката такса во износ
од 50 % што преставува значително финансиско олеснување за станоиздавачите.
-Во насока на развој на алтернативниот туризам преку секторот
за ТЛЕР започнавме со поставување информативни помагала за
атрактивни локации на територијата на општина Охрид меѓу кои се
50 патокази, 22 мали инфо табли, 5 средни инфо табли, 7 големи инфо табли,
уредување на 5 видиковци, поставување на 15 дрвени маси со клупи, 5 паркинг
места за велосипеди и две полетно слетни писти за параглајдинг,
рече градоначалникот Бакрачески истакнувајќи дека градежните
активности со несмален интензитет продолжуваат по завршување на летната
туристичка сезона. Тогаш ќе започне изградбата на двоен кружен
тек на пресекот од улиците „Туристичка“и „Македонски Просветители“.
Потоа ќе се градат и останатите од вкупно петте кружни текови кои треба
да ги добие Охрид.
За период од 8 месеци Општина Охрид ќе ги заврши деветте крупни
проекти кои ги реализира со поддршка на Светска Банка.
Извор: www.ohrid.gov.mk |