Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЌЕ СЕ ФОРМИРААТ ЗДРУЖЕНИЕ НА ПРИВАТНИ СТАНОИЗДАВАЧИ И ТУРИСТИЧКА БЕРЗА
Untitled Document

За следното лето, на иницијатива на Локалната самоуправа и Секторот за туризам и локален економски развој, ќе се формираат Здружение на приватните станоиздавачи од помал обем и туристичка берза. На денешната средба  со приватните станоиздавачи од помал обем, туристичките агенции, инспекциските органи , Секторот за туризам и локален економски развој и пазарната инспекција, градоначалникот Никола Бакрачески најави, дека Локалната самоуправа веќе разработува и модел со кој во интерес на развојот на туризмот, ќе ги субвенционира приватните станоиздавачи.

- Одржувањето на овој состанок со дел од  чинителите од областа на туризмот е моја идеја и дел од мојата предизборна програма, со која сакам да изнајдеме заеднички прифатливи решенија со кои, во следната туристичка сезона, ќе го зголемиме бројот на домашните и странските туристи. За да се избегнат досегашните недоразбирања , со помош на нашиот Сектор за туризам и локален економски развој ќе се формира Здружение или асоцијација на приватните станоиздавачи од помал обем. Преку оваа форма ќе се поедностави комуникацијата  меѓу приватните  станоиздавачи и туристичките агенции, бидејќи според законот сместувачките капацитети можат да се издаваат исклучиво преку овластените агенции- рече градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот Бакрачески, на денешната средба најави дека во Локалната самоуправа интензивно се прават пресметки и се бара модел за субвенционирање на приватните станоиздавачи. Со тоа, како што е планирано, дел од средствата добиени од наплатата на туристичката такса, како субвенција ќе им се враќа на станоиздавачите, а дел ќе се користи за промоција на Охрид на странските туристички пазари.

-Станоиздавачите од помал обем се исклучително важен дел од развојот на туристичката понуда на Охрид. До 15 октомври, преку Секторот за туризам и локален економски развој категоризирани се 2171 објект со капацитет од 13.086 легла. Тоа е респектабилна бројка која интензивно ќе се зголемува. Токму затоа, Локалната самоуправа интензивно работи, идната година да профункционира туристичка берза за приватните станоиздавачи од помал обем. Со тоа на пофреквентните места ќе бидат поставени пултови каде што ,наместо станоиздавачите да ги влечкаат за рака, туристите сами ќе можат да одберат кај кој станоиздавач ќе се сместат- рече Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.

Целта на сите овие проекти на Локалната самоуправа е до почетокот на следната туристичка сезона да се избегне грдата слика на нудење приватно сместување на улица, да се избегнат непопуларните мерки за плаќање глоба и да се спречи нелојалната конкуренција.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1255  пати
Објавено на: 15.10.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©