Имајќи ги во предвид претходно утврдените недостатоци во однос на нелегалното нудење на услуги за сместување во капацитети од мал обем, и оддавањето на лоша слика на градот на повеќе локации, локалната власт во Програмата за поттикнување на развојот на туризмот на општина Охрид за 2014 година предвиде изработка и поставување на типизирани штандови, кои ќе ја имаат функцијата на туристички берзи.
Деновиве прва ваква туристичка берза е поставена на локација кај автобуската станица каде регистрираните приватни станоиздавачи ќе имаат можност да ги нудат своите сместувачки капацитети на организиран и достоинствен начин, со што би се вовел ред како во нелојалната конкуренција, така и во однос на општиот одраз и впечаток кој го добиваат туристите.
Во насока на надминување на проблемите со дивите стано-издавачи и чекачи на гости, Локалната самоуправа оформи тимови за туристичка контрола кои заедно со општинскиот инспекторат и надлежните државни институции ќе ги санкционираат прекршителите на Законот за угостителска и туристичка дејност.
Општина Охрид и понатаму ќе продолжи со низа активности во делот на туризмот, со цел создавање на соодветни услови за искористување на конкурентните предности и дефинирање на туристичката понуда и производ кои ги нуди градот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |