Советникот во Јапонската амбасада во Виена, која ја покрива и Република Македонија, Исаму Јамогучи, денес на негово барање, оствари средба со раководителот на Секторот за поддршка на градоначалникот, Зоран Рафтоски. Јапонскиот дипломат се интересираше за се поголемиот број јапонски туристи кои престојуваат на охридското крајбрежје и активностите на Јапонската владина агенција за меѓународна соработка (JICA) за заштита на Охридското езеро.
Рафтоски на средбата ја истакна својата увереност дека, истражувањата на JICA ќе вродат со конкретна соработка за ревитализација на колекторскиот систем. Соговорниците се согласија дека покрај поволниот кредит што се очекува од страна на Јапонската влада, општина Охрид ќе има свое учество во реализација на целиот проект. Јапонскиот претставник попладнево имаше средба со Дејан Пановски, член на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро.
Извор: www.ohrid.gov.mk |