Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРОМОВИРАНИ ЗНАЧАЈНИ КУЛТУРНИ ПРОЕКТИ ВО ОХРИД
Untitled Document

 -Изразувам благодарност до Локалната самоуправа од Охрид за одличната соработка што ја имавме при реализација на проекти значајни за  заштита и афирмација на богатото културно наследство - , истакна Министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска која  денеска  беше  во работна посета на Охрид и   промовираше  неколку финализирани проекти што се спроведуваа со поддршка на Владата и ресорното Министерство.


Станува збор за  куќата на семејството Ѓурчинови, објектот  на Радио Охрид   и магазата опфатени со проектот за обнова на фасади во старите градски јадра,  реконструкција на потпорниот ѕид зад Лапиодариумот во стариот дел на градот, како и обнова на депоата за чување и складирање културно-историски и етнолошки предмети.


-Ова се значајни објекти регистрирани како споменици на културата, на кои се извршени целосна обнова на покривната конструкција, реновирање на фасадата, обнова на орнаментиката, замена на дрвенаријата, така што е вратен нивниот првобитен сјај, рече министерката Канческа-Милевска.


Во рамки на проектот за реновирање фасади досега во Охрид се обновени 13 објекти во старото градско јадро.
Претседателката на  Советот на град Охрид, Гордана Коњановска,  укажа на значењето од реализацијата на овој проект.


-Проектот на Министерството за култура и на охридскиот Завод и музеј а кој се однесува на  обнова и конзервација на фасадите од старата градска архитектура  е особено важен затоашто преку него се укажува на грижата на надлежните да се заштити богатото културно наследство на Охрид  по кое  градот  станува препознатлив и единствен  во светски рамки. Со обновата на фасадите на куќата на Ѓурчинови (каде се вршеше и реконструкција на кровот)  како  и фасадата на објектот во кој е сместено Радио Охрид  (каде се промена дограмата)се враќа  стариот сјај на најрепрезентативните охридски  градби. Со тоа ја заштитуваме нивната автентичност и убавина а тие стануваат се повпечатливи делови од туристичката разгледница на Охрид – подвлече Коњановска .


            При работната посета во Охрид  беа промовирани и целосно обновените депоа на охридскиот „Завод и музеј“.


- Обновени се две етнолошки и две историски депоа, како и депото за стари ракописи. Тоа се значајни проекти што се во функција на самата институција, како и во функција на сочувување на историско-етнолошките предмети, како значајни аспекти во делот на заштитата на културното наследство – подвлече Министерката за култура  Канческа- Милеска и соопшти дека идната  недела  ќе биде објавен конкурсот за идејно решение за изградба на театар во рамки на Националните институции, Библиотеката  и Центар за култура  „Григор Прличев“.


            Директорката на „Завод и музеј – Охрид“, Тања  Паскали-Бунташеска од своја страна изрази задоволство што целосно се реализирани сите проекти во Охрид предвидени со програмата за работа на институцијата за 2015 година.


- Досега вкупно се реализирани 13 фасади, а за оваа година предвидена е конзервација на фасадите на уште шест објекти, од кои четири во Охрид и два во Струга. Во Охрид објектите се во центарот на Старото градско јадро на улицата „Самоилова“ на потегот меѓу Долна Порта и црквата Света Софија, рече Паскали -Бунташеска.


За оваа година планирана е целосна санација на ентериерот на објектот „Куќата на Робевци“, заедно со обнова на депото за современа култура.


Инаку, за спроведените проекти во Охрид минатата година се издвоени значајни средства и тоа за обновата на трите фасади вкупно пет милиони денари, еден милион денари за реконструкција на камбанаријата на црквата „Света Богородица-Перивлепта“, 900 илјади денари за депоата, како и околу 700 илјади денари за освежување на фасадата на библиотеката „Григор Прличев“.

Проектот за реновирање на фасади на Министерството за култура е отворен до 2020 година, а со него е предвидена конзервација и ревитализација на уште најмалку 40 објекти од посебен интерес.

 

 

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1501  пати
Објавено на: 09.01.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©