Денес на Сараиште со капење во осветените води на езерото, беше одбележан “Денот на рибарите“, со што се заокружуваат Богојавленските празнувања. За големиот народен собир традиционално, локалната самоуправа за сите присутни подготви рибна чорба, греана ракија и вино, плашици и пача. Градоначалникот Никола Бакрачески истакна дека и со оваа уникатна традиција Охрид станува препознатлив, а бројот на гостите што за Богојавление присустуваат во Охрид постојано расте.
Ова е ден кога граѓаните се ослободуваат од секојдневните стеги, кога можат да поразговараат во една релаксирина и весела атмосфера за нашите обичаи и традиција, да се потсетат на тоа како во минатото се одбележувал овој ден, а воедно сите заедно да изградиме една нова вредност за Охрид и неговата целокупна туристичка понуда. Во изминатите четири години наша стратегија беше агресивен и конкретен маркетинг за нашиот град, што вроди со постојано зголемување на бројот на гости во текот на целата година. Продолжуваме и понатака со зацртаната стратегија, која верувам дека во наредните десет години од Охрид ќе направи топ светска туристичка дестинација – истакна Бакрачески.
За ведрата атмосфера денес на Сараиште беше задолжена групата “Билјана јуниор“, која гостите ги забавуваше со староградска песна.
Богојавленските празнувања уште еднаш покажаа дека Охрид станува се попривлечен во овој период од годината. Прославените имиња добитници на Светската награда за хуманизам, на Охридската академија за хуманизам, ја пренесуваат славата на Охрид ширум светските меридијани. Годинава како гости за време на празнувањата во Охрид присуствуваа и Самоил Жбогар, амбасадор на ЕУ во нашава земја, чешкиот амбасадор Мирослав Рамеш, како и градоначалникот на Банско, Ѓорѓи Икономов и заменикот градоначалник на Винковци Томислав Шариќ.
Извор: www.ohrid.gov.mk |