Под мотото „Јас пешачам за ... “, вчера во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во Општина Охрид, за учениците се одржа интерактивна работилница преку дискусија на темите „Застани на време“ и „Помини на пешачки премин“.Работилницата беше превентивно-едукативна активност за намалување на бројот на загинати и повредени пешаци во рамки на Неделата за безбедност на пешаците, што се одбележува од 1 до 7 април.
Во дискусиите беше истакнато дека минатата година во Македонија загинале 48 пешаци. Во просек годишно животот го губат 40 пешаци, а по нивна вина се случуваат 200 сообраќајни незгоди. Пешаците се една четвртина од вкупниот број жртви во сообраќајни незгоди, а дел од таа бројка се и деца.
Уцениците заедно со професорите низ дебата заклучија дека треба да се почитува сообраќајната сигнализација, но реалниот проблем е што многу од пешаците не сакаат да одат 50 метри повеќе или да се искачат 10 метри за да го поминат патот. Тоа може да се надмине само со превенција и подигнување на јавната свест со постојано потсетување на пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и секако, доколку не го прават тоа, да бидат казнети. Едукацијата на учениците на вакви и слични теми ќе продолжи до крајот на учебната година.
Извор: www.ohrid.gov.mk |