Над 200 деца беа дел од свечената поворката
што по повод големиот христијански празник Божиќ трета година по ред
се одржува во Охрид. Со торбички за дарови, фенерчиња, ѕвончиња и
ѕвезди во рака децата на симболички начин го навестија
Христовото раѓање.
Рано утрото поворката од деца тргна од пред храмот „Св. Георги“ во Горна
Влашка Мала а точно напладне на градскиот плоштад децата ги
пречекаа и даруваа со пригодни подароци, градоначалникот Никола Бакрачески,
претставници од локалната самоуправа и од Здружението за грижа и воспитување
на деца.
-Во духот на празникот оваа литија го симболизира самиот ден.
Дечињата кои ги симболизираат ангелчињата го најавуваат Христовото раѓање и
во духот на старата изворна традиција ја пеат песната Вечниот Бог, што
навистина наговестува чувства на среќа и радост онака како што всушност е
целата симболика на празникот Божиќ. Дечињата во оваа поворка или Литија го
надополнуваат чувството на сите православни Христијани во Охрид и на
православните христијани насекаде во Светот за радоста која што ја
наговестува Христовото раѓање – рече градоначалникот Бакрачески и
упати честитка до сите православни христијани по повод големиот празник.
- Би сакал да ја искористам оваа прилика да упатам честитки до сите
граѓани на Охрид од православна вероисповед кои го слават празникот Божиќ ,
со желби за многу здравје , многу среќа за весели и радосни моменти во
нивните семејства , во нивното опкружување, на работните места и онаму
каде што тие живеат и работат – додаде градоначалникот Бакрачески.
Летка Филипоска од организациониот дел на Литијата истакна дека не е тешко
да се организираат вакви настани ако сето тоа се прави со љубов и длабока
верба кон Бога.
-Секое дете беше дарувано и со бадниково лепче , кое што го
симболизира Христос Богомладенецот , кој што се роди во пештерата на
Витлеем. Благодарност и до сите што го помогнаа овој настан вака тожествено
да го прославиме- рече Филипоска.
Децата пеја божиќни песни минувајќи и низ охридската чаршија а во храмот
,,Успение на Пресвета Богородица"-Каменско, беа пречекани од
старешината кој ги дарува со свети крстиња а беше организиран и
заеднички ручек.
Годинава општина Охрид на подарок од женскиот манастир во Рајчица ја доби
божиќната пештера која за празниците го краси градскиот плоштад во Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |