Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
IN MEMORIAM
Untitled Document

ЗАМИНА ГОЛЕМИОТ АФИРМАТОР И ПРОМОТОР НА ОХРИД

Еден наш соработник и колега ќе спомне: големите луѓе заминуваат на големи денови. Овој Велигден замина еден од најголемите промотори на Охрид чиј исклучителен труд и придонес за афирмација и промоција на културното наследството на градот е претставена преку неговата огромна и искрена љубов кон Охрид, преку многубројните изданија и книги кои ги пишува повеќе од половина деценија, дописи и интервјуа за земјата на која и припаѓа,  преку небројните новинарски прилози кои редовно ги доставува како дописник и новинар на "Нова Македонија" од Белград.

Неговото име е Ристо Кузмановски. Новинар и публицист. Роден на 10 април 1932 година во Охрид, каде завршува гимназија. Во Белград оди во 1951 година каде студира  Историја на уметноста. Од 1954 година од Белград хонорарно соработува во дневниот весник "Нова Македонија" од Скопје. Две години подоцна е примен за постојан дописник. На ова дописничко место работи скоро четири децении до 1992 година кога оди во пензија.

Информирајќи за весникот "Нова Македонија", а воедно воспоставувајќи контакт со најистакнатите личности од општествено -  политичкиот живот и најеминентните личности од подрачјето на културата и уметноста, се цени дека значајно придонесол за издигнување на угледот на белграското дописништво и на весникот "Нова Македонија", како во Белград, така и пошироко во земјата. Неговиот питом, скромен и непосреден стил на пишување ќе биде препознатлив имиџ на неговото творештво, карактеристично препознавајќи го и издигнувајќи го меѓу плеадата на врвните новинари во Белград.

Во текот на повеќегодишната новинарска работа, покрај другото, обезбедувал специјални искажувања, изјави и интервјуа од најеминентни писатели, филмски работници (режисери и артисти) композитори, сликари и други личности од земјата и странство. По налог на редакцијата на "Нова Македонија" известувал од повеќе општествено -  политички и други настани во земјата. Повеќепати бил известувач од посетите на претседателот Тито во земјата и странство. Информирал од стотина посети на шефови на држави или претседатели на владите и министри за надворешни работи на Југославија.

Кузмановски е еден од ретките новинари кој добил ексклузивни интервјуа од писателите Иво Андриќ и Мирослав Крлежа.

Во својата новинарска активност Кузмановски пишува повеќе пати, како прилози на "Нова Македонија", за најзначајните откритија од историското и уметничко минато на Охрид. Ристо Кузмановски интензивно се занимава со публицистичка работа. Досега како автор, објавил неколку публикации за родниот Охрид. Во 2004 година од печат излегува јубилејното издание “Охрид и неговите ризници“ по повод 50 годишнината од објавувањето на првата книга за Охрид, во 1954 година.

Ристо Кузмановски е наградуван неколку пати:

- Во 1976 година му е доделена Седмоноемвриската награда за прилогот на “Охридски ризници“ што беше објавен како специјален додаток во неделниот број на белградска Политика.
- Во 1989 година редекцијата "Нова Македонија" на Ристо Кузмановски му ја доделува наградата за животно дело поради активноста на своето јавување на страниците на весникот. Во периодот дедека бил дописник на Нова Македонија од Белград, објавува ексклузивни интервјуа со најзначајни личности од областа на културата и уметноста.Тогаш Кузмановски на страниците на Нова Македонија го објавува и фељтонот “Охридски ризници“.
- Во 2004 година градот Охрид на Кузмановски му доделува Признание за животно дело по повод 50 годишнината од објавувањето на неговата прва книга за историското, културното и уметничко минато на Охрид (1954 - 2004) и за афирмација и континуирана промоција на културното наследство на Охрид.

 

Ристо Кузмановски објавил повеќе книги за Охрид и неговите ризници секогаш во издание на Општината Охрид кои денес како прирачници и литература ги користат посетителите на Охрид и новите генерации на водичите - толкувачи на историското културното и уметничкото минато на Охрид и на Охридското Езеро како ризница на прастар растителен и животински свет.

Човекот кој зад себе создава цел еден исклучитлен опус за историското културното и уметничкото минато на древен Охрид и ја црпи од него непресушната енергија која ја дава овој магичен рид и се воодушевува од феноменот наречен Охрид, го има во себе чуството за припадност на една историја, за да се придонесе во афирмацијата како и промоцијата на нашето културно и уметничко наследство. Тој е заложник на вистината наречена Охрид, но и горд што припаѓа на една толку богата, единствена Македонија. 

Таквата улога за одговорноста да се биде дел од историјата на Охрид и се пронајде решителноста целиот свој живот да се посвети во зачувувањето, промоцијата и афирмацијата на природно, културно и духовно наследство на градот во кој што е роден, не е само предизвик, туку и чест и исклучителна храброст. За неговото творештво за неговата оддаденост кон Охрид, за неговата непрекината папочна врска со неговиот град додека половина век се борел за него на новинарскиот фронт во Белград, е подвиг и предизвик за секој од нас и генерациите кои доаѓаат.

Неговиот дом на "Браќа Миладиновци" бр. 5 ќе остане и понатака отворен како и секогаш да ги прими сите добронамерници желни да чујат или добијат дел од неговиот пишан збор.

И како што ќе рече и самиот Кузмановски: Благословен да е Св. Климент Охридски што ни дал писмо и не научил да пишуваме за да можеме да им кажиме и пренесиме на новите генерации каква вистина крие Охрид.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1263  пати
Објавено на: 07.05.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©