Делегација на општина Охрид предводена од градоначалникот, Никола Бакрачески, ќе учествува на Шестото издание на Фестивалот на европските езера што од 29 мај до 2 јуни се одржува во Исео, Италија како и на вториот глобален состанок на официјалните делегации од членките на Европската мрежа на езера што на 30 мај се одржува во овој италијански град
Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој на денешната средба со новинарите се осврна на годинешната програма на фестивалот.
-Фестивалот на европските езера годинава ќе трае четири дена и во него ќе бидат промовирани 50 различни настани кои се однесуваат на различни аспекти на живеењето на езерата. Во рамки на фестивалот ќе има музички концерти, изложби на фотографии, како и дегустација на традиционални јадења од Исео Италија, како и други региони, посочи Балески, подвлекувајќи дека како резултат на унапредувањето на соработката на општина Охрид со Европската мрежа на езера се создадоа услови за заеднички европски партнерски проекти.
- Еден од тие проекти е европскиот музички проект “Oркестар на 100 млади музичари”. Следува реализација на втората фаза од Проектот во соработка со Музичкото училиште “Методи Патче” од Охрид- додаде Балески.
Директорката на ОМУ „Методи Патче“, Нина Момироска истакна дека е гордост да се учествува и да се биде дел од втората фаза од проектот “Оркестар од 100 млади музичари”. Проектот ќе биде реализиран со концерт во Милано на 6 јуни годинава на кој Охрид ќе го претстават тројца млади музички таленти.
-Навистина е чест да се биде дел од овој проект. Во него се опфатени 100 музички таленти од Европа, поточно од четири музички училишта. Нашето основно музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид е единствен претставник од Македонија. На концертот ќе настапат и ученици од училиштето „Јосип Словенски“ од Белград, музичката школа „До ре ми“ од Блед и музичката школа “Де гарде“ од Италија. Проектот започна со музички камп во Белград во 2014 година. На 6-јуни годинава нашите ученици млади виолинисти , Даниел Мојсоски, Александар Грунчески и Бајрам Рамаданоски ќе настапат на концерт во Милано. Проектот потоа ќе продолжи во месец август- истакна директорката Момироска.
Со учеството на Охрид во меѓународни асоцијации и реализација на меѓународни проекти се настојува промоција на градов во меѓународни рамки што би значело и привлекување на повеќе странски туристи.
Извор: www.ohrid.gov.mk |