На инцијатива на група граѓани, кои живеат на улица “Кузман Капидан“, денес се одржа јавна расправа за проблемите со кои се соочуваат овие граѓани, а се поврзани со дрворедот пред нивните домови. На јавната расправа беа присутни стручни лица од ЈП “Охридски Комуналец“ и претставници на повеќе невладини организации и медиуми. Неподелено беше мислењето дека треба стручно и интегрално решение за целата улица, без да се наруши амбиентот и зелената површина.
Во заклучоците од јавната расправа се заклучи дека: дел од дрворедот е со стари стебла со надмината физиолошка возраст, а како последица на снегот од минатата зима се уште повеќе оштетени и претставуваат опасност по имотот на граѓаните и минувачите; Заради вегетациониот период и почетокот на туристичката сезона, санацијата на дроворедот е најдобро да се изврши во текот на есента, со претходна проценка на стеблата кои се во најлоша состојба и да се преземат мерки за нивно отстранување; Воедно се заклучи, реконструкцијата на дрворедот да се предвиди во годишната програма на општина Охрид, со што ќе се изврши сукцесивна замена на старите и оштетени стебла со ново зеленило, а ЈП “Охридски Комуналец“ на останатите стебла соодветно ќе ги уреди крошните.
Извор: www.ohrid.gov.mk |