Со полагање на свежо цвеќе на бистата на Христо Узунов, во дворот на основното училиште кое го носи неговото име, денеска започнаа свеченостите, што по повод одбележувањето на 111. годишнината од погибијата на херојот на Македонската револуционерна борба, ги организира Општина Охрид.
Во Спомен куќата на Христо Узунов историски час одржа кустосост Горан Митрески.
-Во 1902 година во затворот во Битола, Христо Узунов го напишал познатото писмо до својата мајка, во кое меѓу другото вели: „Јас без ни најмалку да те навредам, се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе што си ме родила “. Ова се зборови на човек кој нема ни најмалку сомнеж дека цврсто ќе оди по принципите на кој се заколнал врз револверот и камата.
Вториот момент е по задушувањето на востанието во селото Куратица, Христо Узунов јавно на насобраниот народ му се обраќа со зборовите: „Браќа сонце сакавме а ни искра не добивме, и знаете ли за се јас сум виновен. Еве ви се предавам, што сакате правете со мене, убијте ме, предадете ме.“ Друг ваков пример на чесност, прифаќање вина и одговорност нема во ниедна борба, востание ниту револуција. Народот тоа го цени и почитува и затоа му возвраќаат: „Не војводо, вие да не повикате ние повторно ќе ги земеме пушките и пак ќе се кренеме.“
Третиот момент во кој се гледа големината, карактерот и честа на Христо Узунов е претсмртното писмо кое го пишува во текот на борбата со аскерот а го испраќа кратко време пред да стави крај на својот живот, свесен дека нема да биде спасен. Во ова писмо, Војводата – Ревизор, кој бараше сметка и отчет од сите, самиот дава отчет пред Организацијата за архивата и парите кои ги има со себе и пишува: „Спроти скалата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и половина наполеони, една лира и околу четириесет гроша. Тоа се Охридски пари...“ го предава писмото и заедно со другите револуционери се самоубива.
Во долгогодишната борба за слобода, Христо Узунов развил посебен однос кон својот народ и татковина. Ниту тој можел да опстојува некаде во туѓина, ниту македонците ќе можеле без него и денес после 111 години од неговата смрт ние му се поклонуваме, а тој е жив во спомените наши- рече кустосот Горан Митрески.
По историскиот час, настапија Јана Петреска и Митко Георгиевски , ученици од Основното музичко училиште „ Методи Патче“ .
Вечерва во Центарот за култура „ Григор Прличев“ ќе биде отворена изложба на ликовни творби, а во 19 часот свечена приредба, по повод патрониот празник, ќе одржи ОУ „ Христо Узунов“ .
Свеченостите продолжуваат во недела на 24 април, со полагање цвеќе на спомен- обележјето на Христо Узунов во градскиот парк, а во 11 часот кај споменикот на погибијата на војводата во селото Цер- Кичевско, ќе се одржи панихида.
Извор: www.ohrid.gov.mk |