Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата во општина Охрид, ја усвои Годишната програма за работа за 2016 година. Програмата за работа на ОСБСП, предвидува реализација на повеќе значајни проекти и активности насочени кон сите целни групи-учесници во сообраќајот со цел подигнување на јавната свест за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
Претседателот на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, Стефан Димоски вели дека во Годишната програма се предвидени активности за афирмација и имплементација на Втората национална стратегија на Република Македонија за унапредување на безбедноста на сообраќајот до 2020 година, а посебен приоритет е ставен на изработка на Локална стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата во Охрид, со што Охрид би бил првата општина во Република Македонија што би усвоила ваков документ.
Во Годишната програма се предвидени низа проекти и кампањи за подигнување на безбедноста во сообраќајот и соработка со сите релевантни институции во општината, со Републичкиот совет за безбедност, невладините организации, здруженијата, медиумите и други субјекти. Пред членовите на Советот беше презентиран Акциониот план за велосипедско поврзување во градот во кој се предвидени идејните проекти за велосипедско поврзување на Охрид со Струга, со туристичката населба „Св.Стефан“ и проектот- велосипедска патека за секоја охридска улица.
Претседателот Димоски кажа дека ќе се преземат активности за реализација на проектот за формирање ученичка сообраќајна единица, составена од 10 ученици од сообраќајната струка при Електро-машинскиот училишен центар „Св.Наум Охридски“ .Тие во соработка со СВР Охрид ќе имаат соодветна обука за регулирање и помош на учесниците во сообраќајот низ градот во периодот јуни-август,а ќе носат нови соодветни униформи. Тој додаде дека се подготвува и проектот, односно едукативната кампања „Како возиме на кружен тек“, во соработка со Локалната самоуправа, СВР Охрид, авто-школите и медиумите.
Поради поблиска соработка со Секторот за туризам и локален економски развој и непречена реализација на предвидени активности, за нов член на Општинскиот совет за безбедност е избран Илкер Мустафа, вработен во овој сектор.
Извор: www.ohrid.gov.mk |