Охридскиот аеродром ,,Св. Апостол Павле’’, доцна попладнево го пречека првиот лет од Лондон со што официјално се означи отворањето на новата редовна директна линија Лондон-Охрид-Лондон во текот на летната сезона. Авионот кој пристигна од од лондонскиот аеродром ,,Лутон’’, во туристичкиот бисер на Македонија – Охрид, донесе 133 патници. Нововостановената авио-линија е резултат на реализирањето на јавниот повик за субвенционирање што го распиша општина Охрид, а за оператор е избрана авио-компанијата WizzAir.
Градоначалникот Никола Бакрачески, кој заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски, на охридскиот аеродром ги пречека првите британски гости истакна дека со директните летови Лондон- Охрид- Лондон , кои ќе се реализираат двапати неделно , локалната власт настојува да привлече што поголем број туристи од Велика Британија.
-Според договорот за субвенционирани летови потпишан меѓу општина Охрид и авио- компанијата WizzAir,во периодот од 15 јуни до 15 септември годинава треба да бидат превезени 2.500 патници, во 2016 година во периодот од 15 мај до 31 декември 7.000 патници, за цела 2017 година треба да се превезат 12. 000, а во првата половина на 2018 година , кога завршува договорот, треба да бидат обезбедени 4.000 патници. За субвенционирање на летовите од буџетот на општина Охрид за 2015 година се издвоени 100.000 евра, за 2016 година ќе се издвојат 200.000 евра, за 2017 година 200.000 евра, а за 2018 година субвенцијата ќе изнесува 100.000 евра- подвлече градоначалникот Бакрачески.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски го изрази задоволството што бројни англиски гости ќе летуваат на охридската ривиера.
-,,Визер’’ ќе оперира на оваа релација два пати неделно, секоја среда и секоја недела, пристигнувајќи на охридскиот аеродром во 18 часот и 15 минути и полетувајќи за лондонски ,,Лутон’’ во 18 часот и 45 минути. Во моментов, овие летови се закажани до 13 септември-истакна Крстевски.
Новата рута, Лондон- Охрид- Лондон, е една од двете новонајавени авиолинии од охридскиот аеродром ова лето. Втората е Охрид-Базел, која ќе биде воведена од први јули, исто така од страна на ,,Визер’’. Воздухопловите на оваа авиокомпанија ќе летаат до швајцарскиот град секоја среда и секоја недела, до 21 октомври.
Како резултат на заложбите на општина Охрид за воведување на нови авиолинии, но и како резултат на чартер- летовите од Холандија, Австрија, Швајцарија и Белгија, кои носат организирани групи на туристи во Охрид во текот на летната сезона се создаваат услови за развој на сериозен туристички пазар.
Извор: www.ohrid.gov.mk |