Почна изградбата на новата Технолошко Индустриска Развојна Зона
ТИРЗ во охридско- струшкиот регион на површина од 30 хектари. Зоната е
4,5 километри оддалечена од Струга, 10 километри од Охрид и 164 од Скопје.
Се наоѓа во непосредна близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид,
56 километри од железничката станица во Кичево, 96 од граничниот премин
Меџитлија кон Грција и 14 до граничниот премин Ќафасан кон Албанија, а
најблиското пристаниште е во Драч на оддалеченост од 160 километри.
На поставувањето на камен- темелникот денес присуствуваа Премиерот на
Република Македонија, Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски,
министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ
Виктор Мизо, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и на општина
Дебрца, Игор Трајковски.
Владата, како што истакна премиерот Груевски, преку Дирекцијата на ТИРЗ во
наредниот период активно ќе работи на изградба на целосната инфраструктура
на зоната.
- Ќе се реализира сообраќајно поврзување, ќе се изгради внатрешна
патна мрежа, целосна водоводна канализациска, електроенергетска и
телекомуникациска приклученост и се што е потребно за нормално функционирање
на фабриките. Да се оспособи и да ги пречека новите инвеститори со полн
капацитет, рече Груевски и потенцира дека Владата ќе работи на
привлекување нови инвеститори. Премиерот потсети дека првиот
инвеститор, германскиот гигант ОДВ Електрик паралелно со изградбата на
зоната ќе почне и со изградба на фабриката.
Оваа компанија, според премиерот, ќе вработи илјада луѓе во првите три
години. Првите петнаесетина вработени веќе се на обука во Украина.
– Ќе почне со работа во некоја хала, не сакаат да губат време
веднаш ќе почнат. Кога ќе заврши изградбата на зоната ќе заврши и градбата
на нивната фабрика. Затоа и ние ќе брзаме, што значи дека изградбата на
зоната ќе заврши на време, подвлече Груевски и додаде дека во
завршна фаза се подготовките за влез и на друга германска компанија
од автомобилската индустрија, која го одбра комплексот на поранешен ЕМО и во
период од три години ќе вработи над илјада луѓе.
- И ОДВ електрик и другата што ќе работи во просториите на ЕМО и
двете ќе вработуваат граѓани и од Охрид, и од Струга, Дебарца, Вевчани, но
некој од нив ќе ги носат и од Ресен, Дебар, Кичево. Станува збор за два
силни гигантa од Германија кои ќе отворат над две илјади нови работни места
во охридско-струшкиот регион. Плус заинтересираноста на уште една до две
компании од областа на изработка на трансформатори и далноводи, кои се
заинтересирани за останатите делови од ЕМО, рече Груевски и истакна
дека Владата ќе продолжи со промовирање на можностите за инвестирање во
Македонија.
- Ќе продолжиме да преговараме со голем број значајни компании, ќе
продолжиме со постојано работење за подобрување на бизнис-климата во
државата која ќе привлече нови странски инвестиции, но и ќе ги охрабри
домашните да инвестираат тука во Македонија, нагласи Премиерот на
државава.
Според него, продолжуваат и инвестиците во слободните економски зони.
- Двете зони
во Скопје и зоната во Штип се целосно подготвени. Во нив веќе се градат
фабрики или се изградени. Во моментот се работи на градба на зоните во
Прилеп, Струмица, Гевгелија, Ранковце, Кичево и Тетово, од неодамна и
Радовиш, а до крајот на годината треба да почне градбата на слободните
економски зони Берово- Пехчево, Кочани – Виница и во Делчево. Подготовките
за нив се во самиот финиш. Со тоа ќе овозможиме голем број вработувања во
многу делови на земјата и секако поголем рамномерен развој на Република
Македонија, истакна Груевски.
Во ТИРЗ, лани имало околу 2.500 вработени, а до крајот на оваа година само
во компаниите сместени во зоните бројот на вработени ќе биде околу 3.500 и
континуирано ќе расте.
- Но тоа се само директни вработувања. Огромен е бројот на
индиректни вработувања, а голем е и бројот на вработувања во странските
компании што дојдоа, а не се во зоните, туку одбраа да бидат надвор од нив,
информира премиерот Груевски.
Според директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, Индустриската развојна зона во
Охридско –струшкиот регион ќе претставува индустриски комплекс во кој со
влез на нови инвестиции ќе се овозможи креирање на нови работни места,
развој и примена на нови технологии и зголемување на конкурентноста во
меѓународната трговска размена и ќе има удел во забрзување на растот и
развојот на економијата
- Планскиот
опфат на Зоната е составен од 10 градежни парцели организирани во два
блокови. Сообраќајното поврзување на зоната со основната патна мрежа се
предвидува да се изведе со клучка во две нивоа, со кои ќе се овозможи
едноставно и безбедно вклучување и исклучување на собраќајните токови од и
во магистралниот пат М4. Во изградбата ќе се применуваат современи стандарди
за внатрешна патна мрежа, водоводна и канализациска инфраструктура,
електро-енергетски систем и телекомуникациите. Ќе се почитуваат и еколошките
стандарди, безбедносните и други задолжителни стандарди за функционирање,
рече Мизо.
Министерот за економија Незири нагласи дека Владата исполни уште едно
ветување дадено пред граѓаните.
– Отворањето на оваа зона позитивно ќе придонесе за економскиот раст
и развој на овој регион. Очекувам привлекување на странски инвеситиции,
инвеситиции кои ќе придонесат позитивно врз економскиот развој и раст на
регионот, како и дополнително отворање на нови работни места во регионот,
истакна Незири.
Инаку, Владата ќе продолжи со промовирање на можностите за инвестирање во
Македонија.
Извор: www.ohrid.gov.mk |