Денеска, Советот на општина Охрид расправаше и ја усвои Одлуката за организирање на режимот на сообраќај на дел од територијата на општина Охрид.
На седницата секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески најави дека овој Совет идната година ќе има можност да расправа и да усвои предлог одлука за сообраќаен режим врз основа на претходно изготвен сообраќаен елаборат
- Со ваквиот сообраќаен елаборат ќе се изнајде најсоодветното решение за циркулирањето на сообраќајот на територијата на општина Охрид – истакана секретарот Спасески.
|
Во согласност со законската обврска за изработка, донесување и спроведување на годишна програма за поставување на урбана опрема во општина Охрид, денеска членовите на Советот на општина Охрид дискутираа и ја усвоија Програмата за поставување на урбана опрема на територијата на општина Охрид.
Целта на изработката на Годишната програма е плански да се уреди подрачјето на Општината, односно да се означат површините каде може да се постави опремата без притоа да се наруши основната намена на просторот и безбедноста на сообраќајот.
Според годишната Програма за поставување урбана опрема ,за прв пат оваа година, Локалната самоуправа предвидува поставување на унифицирани тезги за различни намени кои естетски ќе ја подобрат сликата на градот.
Со усвоената одлука за пренесување на правото на сопственост на новопроизведен нископоден двокатен автобус од општина Охрид, новопроизведениот нископоден двокатен автобус од отворен тип, донација од Министерството за транспорт и врски, општина Охрид го пренесе во сопственост на ЈП „Билјанини Извори“, без надомест. Градоначалникот на општина Охрид ќе склучи договор со в.д. директорот на ЈП „ Билјанини Извори “ со кој ќе се уредат правата и обврските за новопроизведениот нископоден двокатен автобус од отворен тип.
Усвоена беше и Изјавата за исполнување на услови по Договор за заем по проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“.
На денешната седница беа разрешени и именувани членови на управните и надзорните одбори на општинските јавни претпријатија, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи и јавната здравствена установа Здравствен дом Охрид.
Разрешени беа и членовите на училишните одбори на општинските средни и основни училишта, а на нивно место Советот именува нови.
Извор: www.ohrid.gov.mk |