Дваесет и седмото издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово, кое е поддржано од општина Охрид, ќе се одржи на 14 и 15 август- најави на денешната прес конференција, нејзиниот основач, познатиот поет Славе Ѓорѓо Димоски. Со ова издание, како што рече Димоски, таа се доближува до крајот на третата деценија од постоењето со што ја потврдува оправданоста на ваков вид манифестации: поетскиот збор да се доближи до пределите од кои произлегол,односно до народната поезија која сеуште е жива по селата.
-Нејзината специфичност не е само во просторот на кој се оддржува, туку и во концепцијата, со претставување на еден македонски поет и еден сликар. Низ тридецениското постоење се потвди со претставувањето на најзначајните македонски поети и сликари меѓу кои се Анте Поповски, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов и други, а од сликарите свои изложби приредија и познати ликовни уметници меѓу кои се Вангел Наумовски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Сергеј Андреевки, Мирослав Масин, Газанфер Бајрам и други- рече Славе Ѓорѓо Димоски.
Од 2008 година, оваа автентична манифестација, го прошири своето културно дејствување и стана меѓународна средба на која се претставија еминентни автори од Европа и светот: Марам Ал Масри (Сирија), Дик Робертс (САД), Патрик Котер (Ирска), Роман Кисјов (Бугарија), Одвиг Клив (Норвешка), Сим Кера (Естонија), Татјана Данилијанц (Русија), Барабара Погачник (Словенија), Желко Миловиќ (Црна Гора) и други.
Годинашново издание е посветено на Веле Смилевски, поет, прозаист, есеист, во моментов председател на ДПМ и еден од најзначајните креатори на македонската културнамапа денес. За неговото творештво ќе се зборуваат Раде Силјан и Санде Стојчевски.
Ликовна изложба со мотиви од Македонија ќе приреди монголскиот сликар и архитект Литов Намдагјанчивин.
Извор: www.ohrid.gov.mk |