По повод 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ОУТУ „Ванчо
Питошески“, вчера и денес организира низа активности. Во рамки на
одбележувањето се одржа трибина на тема: „Да го чуваме, негуваме и сакаме
мајчиниот јазик“, беше прикажан документарниот филм за кирилицата и
словенската писменост во Македонија: „Кирилицата по врвицата на словенската
писмена традиција во Македонија“ како и имаше поетско читање.
Настанот го организира Средношколската младинска организација. Директорката
на училиштето, Весела Темјаноска го отвори, а модератори на трибината и
презентери на филмот беа професорите по македонски јазик и литература:
Мирјана Зафировска и Перчо Божиновски, додека носители на поетското читање
беа членовите од литературната и рецитаторската секција.
УНЕСКО, 21 Февруари го прогласи за Светски ден на мајчиниот јазик, на
Генералната конференција во 1999 година.
Јазиците се најмоќните инструменти за зачувување и развивање на нашето
материјално и духовно наследство. Сите настојувања да се промовира ширењето
на мајчиниот јазик ќе послужат да се развие целосно свеста за јазичните и
културните традиции низ светот и да ги инспирира за солидарност врз основа
на разбирање, толеранција и дијалог.
Главна цел на ова одбележување е да се подигне свеста кај младите и идни
генерации за употреба на македонскиот литературен јазик, како и да се укаже
на безбројните грешки во секојдневната јазична комуникација. Понатака
како младите да го употребуваат стандардниот македонски јазик, затоа што
токму преку јазикот покажуваме кои сме и што сме.
Извор: www.ohrid.gov.mk |