Градоначалникот Никола Бакрачески денес учествуваше на регионалната конференција, “Иднината на регионот“, во организација на Ротари Интернационал и Ротари клубовите од Македонија. Градоначалникот Бакрачески, кој воедно е и член на Ротари клубот Охрид, во своето обраќање пред високите гости, истакна дека Ротаријанците го избрале вистинското место каде ќе разговараат на тема “ Иднината на регионот“.
- Токму во Охрид се испреплетувала судбината на различни цивилизации и култури, судбината на поединци кои оставиле траен и универзален белег во духовното наследство на човештвото. Овде е втемелен аманетот на Св Наум дека на болните им се помага во исцелувањето, аманетот на Св.Климент дека неуките се подучуваат на писмо, аманетот на Христо Узунов дека најголема чест е да му служиш на својот народ. Многу ротаријански принципи се вгнездиле во колективното памтење на ова тло, многу време пред да се роди Ротаријанството – истакна во своето поздравно обраќање градоначалникот Бакрачески.
Во работата на конференцијата како ротаријанци, учествуваат и поранешнот амбасадор на САД во Македонија, Кристофер Хил и Ерхард Бусек, поранешен координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Конференцијата завршува утре, со разглед на културно-историските знаменитости на Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |