Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД 11 ОКТОМВРИ- ДЕНОТ НА НАРОДНОТО ВОСТАНИЕ
Untitled Document

Општина Охрид и организацијата на Сојузот на борци од НОАВМ и нивните следбеници, денеска свечено го  одбележаа 11 Октомври - Денот на народното востание. На свеченоста, што се организира по повод 75- годишнината од Народното востание, пред присутните се  обрати градоначалникот Никола Бакрачески.

-Почитувани учесници во Народноослободителната и антифашистичка војна, дами и господа, нека ни е честит и вековит  11 Октомври-  Денот на востанието на македонскиот народ, великиот празник на Македонскиот слободарски дух и непокор. Денес, одбележуваме 75 години од почетокот на народното востание во 1941 година и  со почит се сеќаваме на сите борци и херои , на сите синови и ќерки на нашата татковина кои учествуваа во големата борба за слободна Македонија.
Благодарение  на пожртвуваноста на храбрите борци во Народноосолоботителната и антифашистичка борба , денес  ја живееме слободата,  свои сме на своето и во наши раце е иднината на нашата татковина, Република Македонија. Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците и  живеат во слободна и независна држава, што е остварување на многувековниот сон на Македонецот.
11 Октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ кон светската антифашистичка коалиција во Втората светска војна, туку  истовремено, неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите. За македонскиот народ, антифашистичката војна беше и борба за национално ослободување на Македонија.

Учесниците во Народноослободителната борба себеси се гледаа како продолжувачи на вековните идеали  за слободна Македонија. На 2 август 1943 година, на Преспанско советување, во рефератот посветен на 40-годишнината од Илинденското востание, Кузман  Јосифоски- Питу меѓу другото вели: „Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја..."
Македонскиот народ, пред 75 години, активно се вклучи во големата антифашистичка коалиција составена од слободољубиви народи и држави и со крв ја плати слободата. Тоа ни дава за право да бараме тој придонес да го почитува меѓународната заедница, слободољубивите народи и држави, не само вербално, туку и реално  да ја  поддржуваат Република Македонија на патот кон евроинтеграциите и развојот на демократските процеси.
Денес, по  75 години од почетокот на народното востание и народноослободителната и антифашистичка борба, 11 Октомври го чествуваме како патоказ како треба да се брани  самостојноста и независноста на Република Македонија. По тој пат чекориме, храбро, посветено и одговорно, зошто знаеме дека на тоа не обврзуваат минатото, сегашноста и иднината- рече во обраќањето градоначалникот Никола Бакрачески.

Во културно уметничката програма, на свеченоста настапија Охридскиот хор под диригенство на Бурим Хидри, учениците од гимназијата „ Св. Климент Охридски“ , Сретен Стрезоски, Поликсена Тунтева и Сара Паункоска, младиот виолинист Даниел Мојсовски и магистерот по пијано Емилија Маринова.
Одбележувањето на 11 Октомври- Денот на народното востание продолжува вечерва во 20 часот во Центарот за култура „ Григор Прличев“ со концерт на  музичката група „ Билјана- Јуниор“ , а утре во 11 часот, кај спомен обележјето од НОБ во Градскиот парк,  ќе се полага свежо цвеќе.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1382  пати
Објавено на: 10.10.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©