Градоначалникот Никола Бакрачески, по повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, упати честитка до припадниците на исламската вероисповед во општина Охрид.
-На сите сограѓани, припадници на исламската вероисповед, најискрено им го честитам големиот празник Рамазан Бајрам и им посакувам добро здравје, љубов, добрина и милосрдие. Во духот на вековната традиција, посакувам разбирање и меѓусебно почитување на универзални вредности кои ги поврзуваат луѓето и религиите. Взаемното почитување и славењето на празниците на различните верски заедници, се столб на градењето соживот и се завет дека тоа ќе го прават и идните генерации.
Празникот Рамазан Бајрам, нека Ви подари духовна сила и цврста волја кои следуваат по триесетдневниот рамазански пост и нека биде тоа голема радост за сите муслимански верници.Големиот ден нека Ви подари љубов, верност и мир, но нека биде и поттик за воспоставување на што подобри односи со блиските, пријателите и со сите луѓе со добра волја.Празнувањето, самоуверено и храбро да Ве води кон споделување на вистинските вредности на семејната блискост, љубовта и меѓусебното пријателство и со припадниците на другите вери и традиции. Нека Ви е честит и вековит празникот Рамазан Бајрам- се вели во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески до сограѓаните од муслиманска вероисповед.
Извор: www.ohrid.gov.mk |