Во пресрет на Богојавленските празници, како изминатите две така и оваа година Општина Охрид во соработка со Црвен Крст денеска додели пакети со прехрамбени производи и средства за лична хигиена на 50 социјално најзагрозени семејства од Охрид. На хуманитарниот настан присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој рече дека вакви акции и во иднина ќе организира или кон нив ќе се приклучува Општина Охрид.
-Ние се трудиме во текот на целата година низ различни акции да има вакви настани, а оваа во пресрет на празникот Богојавление веќе прераснува во традиција. Со оваа и со неколку други хуманитарни активности настојуваме да ги помогнеме семејствата во Охрид кои што се од социјално ранливи категории. Ова е хманитарна активност со која во еден дел сакаме да го олесниме секојдневието на граѓаните од социјално ранливите категории и да допринесеме да го почувствуваат духот на празникот Богојавление –Водици, како и сите останати семејства во Охрид- истакна Бакрачески.
Градоначалникот Бакрачески подвлече дека Локалната самоуправа нема да застане тука и дека со Црвен крст- Охрид и понатака ќе спроведува вакви хуманитарни акции.
-Во текот на годината имаме Недела на солидарност во месец април, недела на борба против гладта во месец октомври, организираме разни крводарителски акции . Општина Охрид е активно вклучена и во субвенционирање на дел од комуналните трошоци на од прилика 300 социјално ранливи семејства во Охрид која што веќе трета година се реализира тоа. Конкурсот како што знаете веќе заврши на 15 јануари и според критериумите кои што претходно беа донесени на комисија во Општината ќе се врши субвенционирање на дел од комуналните трошоци - нагласи Бакрачески.
Градоначалникот додаде дека секаде каде што може да се вклучи Локалната во рамките на своите ингеренции и можности , ќе биде вклучена во сите активности за помош на сите сегменти на овие социјално ранливи категории.
-Од година во година ќе одделуваме се повеќе финансиски средства со цел да делуваме во поглед на оелснување на секојдневието на ваквите семејства. Борбата за справување со сиромаштијата или борбата за унапредување на животниот стандард во Охрид се води преку реализација на плановите и програмата на различните сектори во Општината. Преку тоа се стимулира локалниот економски раст во Охрид а со тоа создаваме услови за подигнување на стопанството во градов, пред се на туризмот како главна стопанска гранка преку која се стремиме Охрид да го заземе местото што некогаш го имал и се надевам дека во изминатите три години успеавме во тоа. Ова е гранка за која што сметаме дека голем дел на семејствата или граѓаните на Охрид можат да најдат различен ангажман но и мали фирми да обезбедат приходи за своите вработени. Подигање на локалното стопанство со голем дел олеснителни мерки кои Локалната заедно со Владата на Р.М ги прави за обезбедување на конкурентноста на домашните претпријатија и создавање на услови за влез на странски капитал а со тоа и поголем број на вработувања - истакна градоначалникот Бакрачески.
Претседателот на Црвен Крст Сашо Точко изрази благодарност до градоначалникот Бакрачески и до Локалната Самоуправа за несебичната поддршка која тие ја даваат во однос на реализација на низа хуманитарни активности.
-Се надевам и посакувам во текот на оваа година да имаме што помал број на социјално загрозени семејства. Соработката со Локалната продолжува не само во овој сегмент на социјално-хуманитарната дејност, отворени сме и соработуваме во сите сегменти. Од утре ја имаме и крводарителската акција која заедно ја организираме со Локалната самоуправа а тука се и сите оние дејности кои што ги покрива Црвениот крст во поглед на првата помош, спасувањето на вода и слично- истакна Точко.
Извор: www.ohrid.gov.mk |