Пет најсовремено уредени плажи ќе добие Охрид. Истите ќе бидат уредени по највисоки стандарди , со сите можни содржини за забава и рекреација. По неодамнешниот работен состанок со претставници од Министерствата за транспорт и врски и за одбрана како и со претставници од Капетанијата, градоначалникот Никола Бакрачески обелодени дека веќе се утврдени локациите за модерните плажи.
- Таа што ќе биде кај постоечката плажа Љубаништа и другата на потегот кај Лагадин ќе бидат во должина од 500 метри. Една од тие модерни плажи ќе биде лоцирана помеѓу каналот Студенчишта и хотелот Парк во должина од 700 метри. Современо уредена плажа ќе има и кај месноста Даљан односно кај актуелниот извиднички центар . Петата уредена плажа ќе се наоѓа на територијата на општина Дебрца односно ќе се гради кај месноста Подмоље, објасни градоначалникот Бакрачески
Градот Охрид ќе стопанисува со плажите а дел од комерцијалните објекти ќе се издаваат под закуп.
-Ние како општина Охрид изготвивме акциони планови за спроведување на овие проекти и ги предадовме во Министерството за транспорт и врски по што истите ќе бидат елаборирани на владини седници и врз основа на тие акциони планови понатака ќе ја водиме целосната постапка до нивно реализирање. Наредната година треба да се објави тендер за дел од овие плажи и најголем дел од нив треба да бидат завршени до 2017 година, додаде градоначалникот.
Се работи за најсовремено решение за градба на плажи по теркови кои што и во овој момент постојат во најпознатите светски туристички дестинации. Една од плажите во Дојран во моментов е уредена на таков начин.
Со оглед на тоа што Охридското Езеро е многу атрактивно и водата во него дава услови да се вршат некои измени во тие основни проекти кои што ги видовме на Дојранско Езеро , се очекува охридските плажи да бидат многу убави и привлечни за посетителите.
Извор: www.ohrid.gov.mk |