Градоначалникот Никола Бакрачески и Претседателот на Владата на Р. Македонија, Никола Груевски, попладнево извршија обиколка на градежните активности кои се одвиваат на „Плаошник“ и ТИРЗ Охрид - Струга.
Од страна на директорката на Завод и музеј – Охрид, Тања Паскали – Бунташевска им беше посочено дека градежните активности на „Плаошник“ се одвиваат според однапред предвидената динамика и дека повеќето објекти се во завршна постапка од првата фаза, а додека резиденцијалниот објект е комплетно завршен. Во наредниот период започнува да се работи на фасадниот изглед на објектите. По завршувањето на археолошките истражувања започнува и изградбата на богословскиот објект кој ќе биде составен од три ламели. Шесте објекти на „Плаошник“ се очекува комплетно да бидат завршени до 2018 година.
Заеднички впечаток на градоначалникот и премиерот беше дека возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на „Плаошник“ ќе биде магнет за туристите и место каде што туристите најдолго ќе се задржуваат поради големиот број на содржини кои ќе можат да се видат. По завршувањето на изградбата на комплексот се очекува тој да прерасне во најатрактивна локација за туристите со што Охрид ќе ја збогати својата туристичка понуда.
Втората локација која што денеска ја посетија беше технолошко индустриската развојна зона Охрид – Струга. Од страна на претставникот на Агенцијата за технолошки индустриско развојни зони, им беше посочено дека активностите се одвиваат со забрзано темпо и дека во моментот се работи на изградба на административниот објектот на индустриската зона.
Во развојната зона, во втората половина од месец август започнуваат подготвителните активности за изградба на фабриката на „ОДВ Електрик“ која што веќе работи во привремени простории во Охрид. Во таа фабрика предвидено е да се вработат повеќе од илјада луѓе.
Исто така, одлука за инвестирање во зоната, веќе има донесено и германската компанија „Костал“ чии што одговорни лица во наредната недела ќе пристигнат во Македонија и ќе започнат да ги реализираат првите вработувања. Најпрвин тие ќе бидат сместени во постоечка хала каде ќе започнат со производство, а на почеток од следната година се очекува да започне и изградбата на нивната фабрика која ќе се простира на 25 илјади метри квадратни. Како и во фабриката на „ОДВ Електрик“ така и во фабриката на „Костал“ се очекува да се отворат повеќе од илјада работни места.
Средствата кои Владата на Р. Македонија ги инвестира во ТИРЗ Охрид – Струга изнесуваат околу 6 милиони евра и се наменети за изградба на инфраструктурата.
Извор: www.ohrid.gov.mk |