Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
БЕСЕДА ЗА ЖИВКО ЧИНГО
Untitled Document

Како и што приличи во една ваква пригода, чествувањето на ликот и делото на Живко Чинго, ќе кажам дека сме горди што овој великан беше дел од нас. И нашата македонска литература и ние, останавме посиромашни за еден врвен мајстор на расказот, во што и денес остана ненадминат.
            Се согласиле некои или не, појавата на Живко Чинго во македонската проза, посебно во полето на расказот, беше како дар од Бога. Не дека нашата литература немала и други не помалку талентирани раскажувачи, но ниту еден од нив не бил така маркантно забележан како појава, како што тоа го направи нашиот Чинго.  И не ми е познато дали во лозата чинговска постоел некаков народен рапсод од кого Чинго ја наследил својата неусилена раскажувачка моќ, но факт е дека тој ја има таа индивидуална посебност. И среде сета таа еуфорија во тоа време околу естетиките што требаше да се среќаваат во нашата нова македонска литература, еден млад селанец не се плаши од обичниот човечки говор и ни пласира текстови што нѐ враќаат кон изворноста на најнепринуденото изразување. И веднаш, сите тие текстови се разлистуваат во атмосфера на сеопшто задоволство.
            Како да се почне, која да биде инспирацијата, како да се открие сопствениот израз – тоа се прашања што ги мачеле многумина уметници во потрагата по што побрз творечки успех. И, во таа мака, многумина од нив прибегнале до она најлесното – угледување во творештвото на другите. Кај Чинго не постои тој проблем. Уште во неговите први текстови тој доминира со неговата суверена своина. Неговата творечка личност поаѓа од перцепциите што ги добил во детството. Чувствата со кои реагирало некогашното дете, му даваат првична свежина на она што тој го изнесува како писател. Детето во него гледало и согледало. Само така може да се објасни точноста со која раскажува Чинго за настани, епизоди и состојби од неговата младост. Тоа е една зачудувачка точност, една необична перцепција и една исклучителна впечатливост.
            Во изразот на Чинго се гледа една силна поврзаност помеѓу натуралистичкото и романтичното. Чувствениот потег иако краток, сепак е крајно сугестивен. А поезијата секогаш е дел од внатрешниот интензитет на неговото раскажување. Таа го создава неговиот ритем – единствен и неповратлив, обгорен од пламенот на емоциите. Затоа и неговиот став кон животот е став на едно емотивно доживување на светот.
            Она на што сите му се восхитуваа на Чинго, беше храброста во тоа време преку своите ликови да прозбори за работите што ги носеше новото време, но и за оние помалку добрите, кои по дефиниција требаше да се премолчуваат. Беше критички настроен кон власта која правеше работи несвојствени и непоимливи за неговата душа, не можејќи да ги прифати повеќето тажни судбини,  дури и уништени животи.
            Сите негови ликови сонуваат за еден поинаков живот, но времето-невреме, нема разбирање за нивните соништа. Ги задушува нивните желби и мечти и тие неми остануваат меѓу високите ѕидови, немоќни било што да сторат. Но, животот не застануваше, тој течеше и понатака. Почнаа да се чувствувват и убавите работи, народот ги прифаќаше и ги внедруваше во себе. Но и покрај сѐ, сеќавањата на тие времиња оставаа лузни во душата, горчливи мигови, непомирувања.
            И на крај доаѓаме до неоспорниот факт – како што безо светна над македонското литературно небо, така брзо и згасна. Од нему и нам – добро познати причини, мнгу брзо го симнаа од тронот, му ги засенија и славата и дарбата, уништувајќи го псхички, а на крај и физички. А, најголемата иронија е во тоа што некои од неговите тогашни негатори, по неговата смрт стануваа негови воодушевувачи. Па кога ги читаме нивните прочинговски апологии, ни се чини како никогаш да не постоел индексот на нивната најзасведочена забрана.
            Но, и покрај сѐ, времето не може да ја фрли во заборав неговата големина и како автор и како човек. И затоа сме денес повторно тука – да го докажеме и неговото и нашето постоење.
 
                                                                                                                     Ирена Бачиќ

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1326  пати
Објавено на: 14.08.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©