Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ДОДЕЛЕНА СВЕТСКАТА НАГРАДА ЗА ХУМАНИЗАМ
Untitled Document

Со свечена пригода во куќата Уранија на МАНУ, вечерва, беше доделена Светската награда за хуманизам на дописниот член на Хрватската Академија на науките, светски познат екуменист, Дарко Гашпаровиќ. Наградата ја доделува Охридската академија за хуманизам, која на еден начин претставува продолжение на Светиклиментовата прва средновековна школа за хуманизам, а неа ја врачи градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Ова е десетта година по ред како оваа престижна награда се доделува во Охрид, во очи на големиот Христијански празник „Богојавлени – Водици“.


          „Вечерва е привилегија да се биде во Охрид, во предвечерието на големиот христијански празник Богојавление, кога сите сме искрено сплотени со Бога, со добра мисла, исполнети срца и љубов за сите луѓе. Вредности за кои годинашниот добитник на Светската награда за хуманизам на Охридската Академија на хуманизмот, академик Дарко Гашпаровиќ, во неговото децениско творештво неуморно ги потвдрува, надоградува и несебично ги дели со целиот човечки род“, рече градоначалникот Бакрачески, кој додаде дека „ Оваа година ќе се одбележат 1100 години од упокојувањето на нашиот патрон и сесловенски светител Свети Климент Охридски чие дело и денес е столб на вистината, хуманоста и љубовта. Токму луѓе, творци, космополити и хуманисти како академик Гашпаровиќ, чие творештво му пркоси на времето и просторот, во вечната потрага за убавото, доброто, универзалното - влева надеж дека и во иднина ќе знаеме да се сочуваме себе си како луѓе на повисоко ниво на духовност препознатлива за целото човештво. Господине Гашпаровиќ, во мое лично име и во името на граѓаните на Охрид, искрена благодарност за тоа“.


На почетокот од своето обраќање, годинешниот добитник на Светската награда за хуманизам, Дарко Гашпаровиќ, истакна


-          Можеби никогаш како денес, хуманизмот не преживувал потешки денови. Ставен во средиштето на Исусовата наука како создаден од Бога, присутен уште во Античко, Хеленско, искон на европската култура и цивилизација, кој во доцниот среден век е воздигнат на разни универзални парадигми, хуманизмот како предност на човечките суштества во последните две столетија од историјата се најде во искушение на оспорување, како во друштвената прагма така и во уметноста.
 


Гашпаровиќ изрази голема благодарност до Охридската академија за хуманизам, што му ја додели оваа награда со која тој станува дел од еминентното друштвото на претходните добитници.


-          Особено ми претставува чест што со одлука на седумчлената доверба на чело со претседателот на Охридската академија за хуманизам, советник на претседателот на Република Македонија и ректор на Факултетот за аудиовизуелни уметности, господинот Јордан Плевнеш, сум прогласен за добитник на Светската награда за хуманизам за 2016 година, рече Гашпаровиќ.


Во рамки на јубилејното свечено доделување на наградата, беше промовирана и идејата  за проектот „Охрид град на светскиот хуманизам“ од Академик Светлин Русев од Бугарија, кој воедно е и еден од досегашните добитници на ова високо светско признание.


-          Вечерва, од страна на Академик Светлин Русев од Бугарија, беше презентирана идејата за поставување на спомен облежје или монумент, кој што ќе го симболизира Охрид како седиште на светскиот хуманизам. Беше презентирана идејата околу изгледот на ова уметничко дело, кој што академикот Светлин Русев кој е светски познат уметник се понуди да биде и автор на ова дело, за кое јас, пред присутните, како градоначалник на Охрид и граѓанин сестрано ќе се заложам за оваа идеа да биде реализирана во дело. Ќе претстои еден процес преку којшто ќе треба да се презентира идејата на граѓаните на Охрид, на локалните институции, подвлече градоначалникот Бакрачески.


Целта на ваквиот проект е Охрид да стане надалеку познат како седиште на светскиот хуманизам.


-          Идејата е хуманизмот како вечност, како трајност, како пат кон спасението на човештвото претставува основата за овај монумент. Тој ќе биде изграден од камења, во кој ќе биде вметната икона на Св. Климент Охридски, а самото тоа што планираме да биде лоциран покрај вода која го симболизира хуманизмот како извор на чистота, светлина и спасение ќе ја носи симболиката на хуманизмот, истакна Академик Светлин Русев.


На обележјето, планирано е бидат вградени сите досегашни добитници на Светската награда за хуманизам.


-          Овај десетгодишен јубилеј има веќе голема историја. Една деценија во која Охрид е центар на Светскиот хуманизам и мислата на Борхес дека нема ништо реално што е бессмрттно освен човештвото, оваа година има и 400 години од смртта на Сервантес кој што рекол дека „Светот е мал како шамивче“, мислам дека светот мал како шамивче, видено во љубовта и визиите на учениците на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Св. Наум Охридски прозвучи во вечерва во Охрид, рече Јордан Плевнеш.


Во процесот на изработка на спомен облежјето ќе бидат вклучени сите светски организации – Обединети нации, УНЕСКО и сите фондации за култура во светот. 

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1366  пати
Објавено на: 18.01.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©