Од вчеравечер Трпејца пулсира со третото издание на културно – забавната
манифестација НА ЗАЈДИСОНЦЕ. На отворената сцена „Кај бунарот“ во присуство
на неколлку стотици гости и жители од Трпејца во името на покровителот
Општина Охрид и во името на градоначалникот Никола Бакрачески
манифестацијата ја отвори претседателката на Советот на општина Охрид
Гордана Коњановска.
„Се радувам со фактот што локалната самоуправа е покровител на една
ваква манифестација која е доказ за потребата од дисперзирање на културата и
во другите средини освен големите градови и дека е таа добредојдена,
со радост и задоволство прифатена од месното население и во случајов од
туристите кои ова , а се надевам и наредните лета ќе ја одберат Трпејца за
своја дестинација. Стратегијата на Општина Охрид за развој на селските
средини и особено оние кои се на крајбрежието на Охридското Езеро е обемна и
поставена на реални основи. Се надевам дека дел од тие проекти ќе бидат
поврзани и со македонското Сен Тропе , како што го нарекуваат ова прекрасно
место Трпејца. Истовремено ги поздравувам и спонзорите и донаторите на
манифестацијата кои го препознале нејзиното значење во желбата за ширење на
моќта на културата,“рече Коњановска.
Чинот на свеченото отворање на манифестацијата го проследи и делегацијата од
австралискиот град Квинбијан предводена од градоначалникот Тим Оверал.Град
со кој Општина Охрид е на пат да воспостави блиска соработка во повеќе
области.
Синоќа беше промовирана химната на манифестацијата НА ЗАЈДИСОНЦЕ дело на
авторите: Методија Бараковски, Јовица Каралиевски и Милчо Јованоски во
изведба на РАСПЕАНИТЕ ГЕРДАНЧИЊА кои имаа и свој мини концерт.
Публиката со аплауз го поздрави и настапот на младите надежи виолинистите:
Теодора Филоска, Стефани Велјаноска и Филип Волкан.
Свеченото отворање беше збогатено со изложба на фотографии под наслов:
ДАЛЕКУ, А БЛИСКУ од фотографите Рома и Лукаш Фрашчек од Полска. Авторите во
2013 ја посетија Македонија и Трпејца и годинава повторно се вратија пред
неколку недели за на Здружението ЗА ТРПЕЈЦА СО ЉУБОВ да му подарат 16
фотографии со мотиви од јужните делови на Полска, Македонија и посебно со
мотиви од охридското крајбрежие. Организаторите со нив претходно во Трпејца
снимија кус видео – материјал во кој сопружниците Фрашчек велат дека нивните
фотографии настанале под влијание на убавините на Трпејца и така
одлучиле да направат изложба.„Сакавме да се осврнеме на малите заедници и да
ја прикажеме нивната убавина , честопати скриена. При изборот на фотографии
се фокусиравме на одредени пејзажи и прекрасни фрагменти од секојдневниот
живот.На овој начин сакавме да прикажеме дека навидум различните и далечни
места се невообичаено и дури зачудувачки слични и блиски во многу аспекти“
Вторито ден од културно – забавното лето НА ЗАЈДИСОНЦЕ во Трпејца носи нови
интересни настани. Попладнево започнува школата УЧИМЕ ДА ПЛИВАМЕ раководена
по третпат од позната, некогашна пливачка а сега професор по физичка култура
Соња Думбалоска – Делова. Ќе следи еднодневната работилница БИСЕРНИТЕ
КАМЧИЊА од Трпејца отворена за децата, но и за сите кои сакаат да научат
како камчињата можат да станат дел од едно уметничко дело. Анета Вршкоска -
Јованоска ќе раководи со работилницата, а од 20 часот на летната сцена „Кај
бунарот“ освен изложба на трудови изработени од учесниците на работилницата
ќе бидат изложени и најнови дела од Јованоска под наслов СОЕДИНУВАЊЕ односно
од вториот тематски циклус „ОД ЉУБОВ ЗА ТРПЕЈЦА“.
Извор: www.ohrid.gov.mk |