Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОСВЕТЕН КАМЕН ТЕМЕЛНИКОТ НА СПОМЕНИКОТ ЗА ВОДИЦИ
Untitled Document

Денеска , на празникот Св. Атанасиј свечено беше поставен камен темелникот  за изградба на новото спомен обележје за Водици кај градското пристаниште . Фундаментот има три тона железо, 10 метри кубни бетон и е висок 2 метра. Самата скулптура, Фаќачот на крстот во бронза, ќе биде висока три метри и 10 сантиметри и се очекува комплетно готов и поставен да биде пред почетокот на овогодинешната летна туристичка сезона. 
Спомен обележјето  посветено на големиот христијански празни Богојавление- Водици се подигнува на иницијатива на кумот на манифестацијата за 2012-та година, проф. д-р Ванчо Чифлиганец 

- Како кум на манифестацијата во Охрид дадов и пред Бога и пред овој искрен и чесен, вреден и хуман народ во Охрид и пошироко, дека ќе направиме заедно со Здружението „Богојавление“ еден убав споменик кој ќе ги плени, не само православните граѓани во Охрид и Македонија, туку и сите туристи. Сакаме, покрај верско и духовно обележје, тоа да биде и туристичка атракција за туристите од целиот свет, истакна Чифлиганец.

На чинот на осветувањето присуствуваше и претседателката на Градскиот совет, Гордана  Коњановска која во име на општината го поздрави поставувањето на споменикот за кој е инволвирана и Локалната Самоуправа. 

-Општина Охрид доследно ја поддржува иницијативата за поставување на спомен-обележјето за Водици.Општината беше вклучена во сите фази на носење на одлуката за локациското решение, во изборот на најдобро идејно решение и еве, ја заокружуваме таа подготвителна фаза со нашето присуство овде, на почетокот на реализацијата на овој проект.

 Скулптурата Фаќачот на крстот во бронза ќе биде дело на велешкиот скулптор Ангел Коруновски. Идејното решение, како што рече тој, го работел во духот на христијанството.

 - Скулптурата отсликува еден христијански херој. Сите го следиме ваквото случување за Водици и знаеме колку е возвишен тој миг. Главната цел ми беше да го глорифицирам самото фаќање на светиот крст. Создадов младо момче за да биде како еден вид апел до сите млади луѓе да се охрабруваат и да пливаат до Светиот крст. Тој е со аскетски издолжено тело  за да симболизира на христијанството и аскетизмот, истакна Коруновски.

 Од Здружението за афирмација на Македонската Православна Црква “Богојавление“ велат дека од година во година со нови содржини ќе се збогатува манифестацијата посветена на најмасовниот христијански празник Богојавление- Водици.   

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1262  пати
Објавено на: 31.01.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©