Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
НОВИ ПЕШАЧКИ ЗОНИ РЕКОНСТРУИРАН КЕЈ СОВРЕМЕНА ПЛАЖА И МАРИНА ЌЕ ДОБИЕ ОХРИД
Untitled Document

Градежната експанзија не стивнува во Охрид. Општината  веќе ги има   дефинирано  акционите планови за изградба на два нови  крупни проекти во делот на инфраструктурата кои ќе го  подобрат нормалното функционирање и  туристичката слика на градов.
Градоначалникот Никола Бакрачески обелодени дека  едниот од двата крупни  проекти    се однесува на реконструкција на градскиот  кеј којшто во моментов е доста оштетен,  а другиот се однесува   на изградба на пешачка и велосипедска зона  од мостот кај каналот „Студенчишта“ по неговата лева страна до „Билјанини извори“.

- Наша обврска е во наредниот период да го реконструираме кејот. За таа цел веќе е изработено идејно решение и главен проект и во текот на оваа или наредната недела ќе се објави тендер за изведба на градежните работи. Се работи за едно современо но  во исто време автентично решение кое што  ќе го промени изгледот на Охрид во централното градско подрачје и ќе овозможи  градов  да биде уште поатрактивен во иднина- изјави Бакрачески  кој  укажа и на плановите  за изградба на пешачка и велосипедска  зона од мостот кај каналот   Студенчишта по неговата лева страна се до „Билјанини извори“.

- На овој потег планираме покрај реконструкција на каналот, со што спречуваме понатамошно негово одронување, да изградиме една современа и мошне добро уредена пешачка и велосипедска зона која што во иднина ќе биде атрактивна за гостите и за охриѓани кои тука ќе може да се забавуваат и рекреираат - додаде Бакрачески.

Од месец септември  се очекува  да започне и  изградбата на една од најсовремените плажи на потегот кај населбата Лагадин во должина од 500 метри. Покрај  пропратните  елементи кои се неопходни за функционирање , оваа плажа ќе биде  со регулиран паркинг простор со што конечно ќе се стави крај на  долгогодишниот проблем којшто  се однесува на  неадекватно паркирање  на возила кои го отежнуваат нормалното сообраќање  особено во шпицот на летната сезона.

 -За прв пат ќе се овозможи едно решение кое ќе допринесе да се регулира тој долгогодишен проблем кој го имавме  на таа патна  делница  кај Лагадин. На ваков начин ќе се овозможи адекватен паркинг простор за голем број возила кои ја посетуваат оваа атрактивна плажа, вели градоначалникот Бакрачески кој укажа  дека овој проект ќе се реализира со  владини средства како и проектот за изградба на пешачката патека од  градското пристаниште до  населбата Канео за што во тек е изработка на главен проект. 

Градоначалникот Бакрачески обелодени дека во овој момент се размислува за најадекватното решение и за можноста за реализација на еден од ветените проекти односно градската марина која што  ќе  му даде нов лик на централното градско подрачје.

-Тоа не е само потреба на  Охрид или потреба на сите оние кои имаат регистрирани пловни објекти во градов туку тоа е и нешто што ќе го направи градов многу поатрактивен за гостите кои се сопственици на пловни објекти. Со овој проект во иднина ќе се овозможи во истата таа марина да впловуваат и поголеми пловни објекти од она што денес го имаме во Охрид, подвлече градоначалникот Бакрачески.

На крајот од месец  август годинава, почнуваат подготвителните работи за почетокот  на  втората  фаза  од изградбата на  атрактивната   пешачка и велосипедска патека од каналот Студенчишта до хотел „Парк“ во која се опфатени  нови 400 метри. Во завршна фаза влегуваат и реализациите на ветените капитални проекти. Во месец септември се очекува да бидат удрени темелите на покриениот зелен пазар и на затворениот пливачки базен. На почетокот од есента  ќе се интензивираат  и активностите за реализација на започнатите проекти кои се поддржани од Светска Банка а кои се однесуваат на изградба на  бројни улици, канализациони мрежи и кружни токови. Во наредната година се очекува  да почне изградбата  на  современата автобуска станица.  Во период од една до две години во Охрид  ќе се градат и  многу други инфраструктурни проекти.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1360  пати
Објавено на: 05.08.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©