Во пресрет на Новогодишните празници, општина Охрид во соработка со Црвениот Крст денеска организира предновогодишен ручек за 150 социјално најзагрозени лица од Охрид а беа подарени и новогодишни пакетчиња за 100 деца.
Меѓу присутните во ОУТУ „Ванчо Питошески“ беше и градоначалникот Никола Бакрачески. Во пријатна атмосфера родителите и децата разговараа со градоначалникот а упатуваа и пофалби за досегашната негова работа.
Градоначалникот истакна дека општина Охрид и понатака ќе работи на креирање подобри услови за живот на сите охриѓани во насока на надминување на социјалните бариери.
-Денеска сите заедно делиме едно чувство – среќа, кај вас најмлади, предизвикана од очекувањето да го видите најпопуларниот дедо на цел Свет, а кај мене чувството на среќа е резултат на вашата чиста детска насмевка. Вашето чувство на радост предизвикува чувство на радост и кај мене а Вашето чувство на задоволство од убаво поминатиот ден буди чувство на исполнетост и кај мене. Чоколади, колачи и по некоја играчка најверојатно е она што сте го порачале од Дедо Мраз а доколку би постоела некоја друга моќ јас би посакал најдобри и подеднакви можности за живот и просперитет без никакви социјални, класни , етнички разлики и бариери меѓу семејствата и децата од цел Свет. Во таа насока настојувајќи да ги подобриме условите на сите семејства како Локална самоуправа субвенционираме дел од комуналните трошоци на домаќинствата со социјален ризик, работиме на олеснување на условите за образование преку доделување стипендии за талентирани ученици и студенти а организиравме и бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика . Секако тука е и еднократната парична помош за родилките кои се породиле во охридските породилишта. Ова е нешто од кое ние не се откажуваме и ќе продолжиме да го правиме и во иднина, ќе го унапредуваме и ќе доделуваме се повеќе и повеќе средства за таа грижа да ја подобриме во иднина. Како дел од грижата за обезбедување еднакви услови за сите секако дека тука е и нашата посветеност и нашите напори заедно со Владата на Р. Македонија да отвор нови работни места кои ќе обезбедат егзистенција за поголем број на семејства во Охрид. Ние продолжуваме да креираме подобри услови за живот , а од вас драги дечиња барам да бидете упорни и посветени на училиште,да се вложувате во она што во иднина ќе го работите и никогаш да не се откажувате од поставената цел колку и мали да изгледаат во дадениот момент. Само така ќе го доживеете посакуваниот успех како идни градители на нашево општество. На крај на сите Вас ви ја честитам Новата 2016 година и ви посакувам здравје, среќа и успех во неа . До нашата повторна средба Вие ќе бидете повозрасни а со „ловењето“ на знаења ќе бидете поумни и помудри, рече Бакрачески.
Претседателот на Црвен Крст Сашo Точков изрази благодарност до градоначалникот Бакрачески и општина Охрид за нивната активна вклученост во многу хуманитарни активности.
Извор: www.ohrid.gov.mk |