Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СЕ ИНТЕНЗИВИРА СОРАБОТКАТА ПОМЕЃУ ОХРИД И ДАЛИАН
Untitled Document

Со потпишување меморандум за соработка  помеѓу  претставници од Сектор за туризам и локален економски развој  од општина Охрид  и од  Бирото за туризам од    Далиан, се интензивира соработката помеѓу  Охрид и  збратимениот кинески град  Далиан.
Градоначалникот Никола Бакрачески по денешната  работната средба со високата  делегација  од  Далиан предводена од заменик градоначалникот Кју Ксиаофеи, истакна дека потпишаниот меморандум  е  резултат  на  разговорите за  соработка   при неговиот  неодамнешен   работен престој    во  овој  кинески град .

 

 


-Потпишаниот меморандум е основа  врз  која ќе се етаблира соработката со овој наш збратимен град во делот на туризмот. Двете страни врз основа на постоечките законски регулативни на двете држави и меѓународните стандарди и правила ќе воспостават соработка за јакнење на врските  во делот на размена на информации ,  во делот на  развој на продукти и услуги во  туризмот , во делот на организирање на туристички групи од Народна Република  Кина  кон Република  Македонија  и обратно. Со овој меморандум  ќе се  направат напори за етаблирање на можностите за воспоставување на чартер летови од Н  Р. Кина кон Р.  Македонија и обратно.  Двата градови  ќе имаат заедничко учество на голем број на саеми и манифестации за туризам и со тоа на некој начин даваме нов придонес во соработката меѓу овие два збратимени града. Очекуваме дека по воспоставувањето на оваа официјална соработка ќе  имаме поголем број  кинески туристи  во Македонија, истакна градоначалникот Бакрачески кој  потсети дека  при  неговата посета  во Далиан  минатата година,   било договорено и се очекува   во текот на месеците април и мај годинава,   Охрид да  го посетат неколку национални телевизии со седишта во градот Далиан кои ќе направат видео репортажа или документарен филм за туристичките можности и капацитети на градот Охрид а кој ќе го гледаат  повеќе од 100 милиони гледачи.       
    


Охрид и Далиан веќе имаат остварено соработка во делот на образованието. Наредниов период ќе се разгледуваат модалитетите за идна соработка помеѓу универзитетската заедница на  Далиан и  Универзитетот за информатички технологии “Св. Апостол Павле“  од  Охрид .


Проректорот  на  охридскиот  Универзитет  за информатички науки и технологии, Иван  Бимбиловски , се  заблагодари на заложбите  на градоначалникот Бакрачески  за воспоставување поцврста соработка меѓу двата града на полето на образованието.


-Силно сме насочени  кон обезбедување на услови за размена на студенти и професори помеѓу Охрид и Далиан. Настојуваме да обезбедиме стипендии  за македонските студенти со цел одреден период од студиите да ги поминат на универзитетите во овој кинески град . Настојуваме да обезбедиме средства од  Владата на  Народна Република Кина  за поддршка на истражувачката работа која би се одвивала на нашиот универзитет како и средства   за изградба на технолошки парк во рамки  на нашиот универзитет.  Технолошкиот парк би опфаќал лаборатории,услови за научно истражувачка работа ,простор и создавање на услови за развивање на мали бизниси,  истакна Бимбиловски.     


Високата делегација од Кина  која два дена е во Охрид, попладнево  имаше средба со туристичките работници од градов  а го посети и универзитетот “Св. Апостол Павле“ . Утре е предвидено гостите од Кина   да ги  посетат  културните институции   и  на најзначајните туристички локалитети во Охрид  , по што се очекува истите да допринесат во  иницирање на соработката и во делот на културата, економијата и останатите општествени области.
Градот Далиан е еден од најразвиените  градови во Кина, лоциран во најбогатата кинеска провинција Манџурија. Пристаништето во Далиан е на десетто место според обртот, а неговиот капацитет за прием на бродови е на дваесетто место во Светот. Регионот на градот Далиан е и еден од главните туристички центри на Кина, кој минатата година го посетиле 53 милиони туристи од кои 11 милиони странци. Во градот живеат над 10 милиони жители и  годишен БДП од 70 милијарди долари. Далиан е и образовен центар со 31 универзитет.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1477  пати
Објавено на: 28.01.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©