Градоначалникот Никола Бакрачески, денеска на прес конференција, соопшти дека започнува реализацијата на проектот за субвенционирање на дел од уплатената туристичка такса, за физичките лица вршители на угостителска дејност од мал обем во Општина Охрид.
-За да го стимулираме развојот на приватните сместувачки капацитети од мал обем, предложивме, а Советот на Општина Охрид донесе Одлука за субвенционирање во висина од 50 % или по 20 денари од уплатениот износ за туристичка такса за привремен престој на домашни и странски туристи во во сместувачките капацитети од мал обем. За овој проект, кој ќе го имплементира Секторот за туризам и локален економски развој, од Буџетот на Општина Охрид за 2014 година се издвоени 1.800.000,оо денари- рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Целта на оваа активност е поттикнување на физичките лица запишани во регистарот на вршители на угостителска дејност од мал обем уредно да ја водат евиденцијата за престојот на гостите во нивните сместувачки објекти, со што ќе се стимулира редовната наплата на туристичката такса.
-Во Секторот за туризам и локален економски развој досега се регистрирани околу 2.100 станоиздавачи од мал обем, кои според законските прописи се должни да водат евиденција на домашните и странските туристи и редовно да ја уплаќаат туристичката такса. Според нашите анализи, дел од станоиздавачите не ги евидентираат и ги прикриваат дел од гостите што престојувале кај нив.За да воспоставиме ред во овој дел на туристичката понуда, се определивме , да помогнеме со стимулативни мерки, како што е проектот за субвенционирање на дел од туристичката такса- истакна Ѓоко Апостолов од Секторот за туризам и локален економски развој.
Денеска на општинската веб- страница www.ohrid.gov.mk е објавен јавниот повик, правилникот и барањето за субвенционирањето на туристичката такса за станоиздавачите од мал обем.
Извор: www.ohrid.gov.mk |