Вечерва во ЦК „Григор Прличев“, свечено беше отворен најстариот градски детски фестивал „Распеано рибарче“. Најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“ и децата од охридските основни училишта уживаа во веселите детски песнички кои се испејаа на првата фестивалска ноќ. Овогодинешното 18-то издание на фестивалот е посветено на прерано починатиот основач на фестивалот Коле Петкуќески. Присутните ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
– Охридското „Распеано рибарче“, покрај многуте настапи на учениците од музичкото училиште, покрај промоциите на орќестрите за народна и забавна музика, хорските фестивали, фестивалите на народни песни и игри во Охрид, фестивалот „Охридското лето“ и други манифестации поврзани со и околу музиката и културата воопшто, претставува културен но и образовен предизвик. Како што велат, сите музички и културни манифестации се тешки сами по себе да се организираат ама организирањето на ваква, детска манифестација на некој начин е посебно, убаво, тешко. Убавината си има своја цена ама и причини.
Голем дел од причините за постоењето на овој фестивал ги упатувам како поздрав до семејството на г-н Коле Петкуќески чие име е вечно поврзано со името на овој детски фестивал. Останатите причини за понатамошниот развој на фестивалот кон композиторите на детската песна, родителите, г-н Менде Баракоски, кон наставничките Мери и Бети, а преку нив и на сите наставници вклучени во припремите, но и кон сите ученици на основните училишта со порака да ги развиваат своите таленти и да ги покажуваат. Охрид бил, е и ќе биде расадник на културата, убавата детска музика, прекрасната детска песна- рече Јанев.
Фестивалот „Распеано Рибарче“ прв пат се одржа во 1998 година и е еден од најквалитетните, детски музички производ во Охрид и пошироко.
Извор: www.ohrid.gov.mk |