Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ СИНОЌА МЕЃУ ОХРИЃАНИ
Untitled Document

„Останавме доследни на воведувањето на  реформите кои го подобруваат животот на граѓаните“,истакна на синоќешната трибина во Охрид Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој на средбата со охриѓани  дојде со   ресорни министри, државни секретари и директори на државни јавни претпријатија . Груевски во своето обраќање  се осврна на повеќе сегменти од работењето на Владата, почнувајќи од реформите, привлекувањето странски инвестиции, социјалната помош наменета за загрозената категорија граѓани, зголемувањето на пензиите, вработувањата во државната администрација и јавните претпријатија, субвенциите за земјоделците, патната инфраструктура, здравството, образованието, борбата против корупцијата и криминалот, државните интереси, евро- атлантските интеграции и долгогодишниот спор за името кој земјава го има со јужниот сосед.

Премиерот  синоќа  најави проект многу битен за охриѓани. Изградба на автопатот Кичево Охрид која треба да започне на пролет, а ќе заврши за три години.
 „Многу сме фокусирани на изградба на патишта, патна инфраструктура, локална, но и регионална, а не ги заборавивме и автопатиштата и не застануваме тука““, рече премиерот.

“Болницата за ортопедија и  трауматологија  Св. Еразмо целосно ќе се реконструира и опремува со нова  најсовремена медицинска апаратура. Се преговара со менаџерскиот тим и најверојатно Охридскиот  Завод за Кардио - васкуларни заболувања ќе биде дислоциран во болничкиот комплекс на Св. Еразмо. Значи од овде можам да најавам дека Охрид наредниов период  ќе добие мини клинички центар“, истакна Груевски.

Пред охриѓани се обрати и градоначалникот, Никола Бакрачески, кој се осврна на наследените проблеми со кои се соочува локалната самоуправа како и  долговите на јавните претпријатија.

“ Со преземањето на градоначалничката функција затекнав долг на општината од цели 32 милиони евра, 428 судски спорови за неисплатени обврски кон разни субјекти. За 14 милиони  евра е блокирана сметката на Општина Охрид кон повеќе доверители и за истите има правосилни судски решенија, кои чекаат за присилна наплата од извршители. Само МЈП ПРОАКВА има долг од 9 милиони евра а 100 милиони денари  беа обврските на ЈП “Охридски Комуналец“, потенцира Бакрачески кој истакна дека веднаш по преземањето на мандатот започнал со реализација на мерките за  финансиска консолидација  на Охридските јавни претпријатија односно создавање услови за нивна работа.
“Со инјекција од 28. 187.215 денари Општината  Охрид  помогна на здрави нозе да застанат јавните претпријатија ПРОАКВА, Комуналец, Ниско Градба и Билјанини Извори. Јавните претпријатија постојано се работно ангажирани, а со паркинзите во центарот на градот управува ЈП “Билјанини Извори“, што всушност е и една од нивните примарни дејности“, посочи Бакрачески.

Градоначалникот укажа и на лошо затекнатата состојба во охридските основни и средни училишта кои должат милионски денарски средства за електрична енергија и нафта а дел од нив имаат и блокирани сметки.
“Бевме доведени во ситуација брзо да донесуваме одлуки  за да обезбедиме функционирање на образовниот систем во општината. За таа цел обезбедивме  средства од  буџетот на Локалната со кои првично го намаливме притисокот врз училиштата а во текот на летниот период реализиравме повеќе проекти за подобрување на инфраструктурата на  општинските основни и средни училишта. Односно општината на училиштата им исплати вкупно 10. 321.455 денари“,потенцира градоначалникот.
“За реализирање на програмата за уредување на градежното земјиште за период од 1-ви април до 30 септември годинава секторот за комунални дејности сообраќај и улици презеде неколку активности, за изградба и реконструкција  на локални патишта, тампонирање, асфалтирање и други градежни активности , на улиците: “Јане Сандански“ ,“АСНОМ“, “Сирма Војвода“, “Радојца Новичиќ“ крак 2,“ Богомилска“,“ Крум Точко“. Се изградија тесни улички  и прекопи во неколку градски и приградски населби, изградба на дел од регионалниот пат Охрид- Св. Стефан. Се изгради пешачка патека во с. Велгошти покрај гробиштата како и ограда на полигонот од ОУ “Живко Чинго“, а се крпеа и ударни дупки низ Охридските улици“, рече градоначалникот кој посочи дека  во моментов се работи  и на целосна реконструкција на улицата “Петрино“.

Бакрачески укажа на општинските активности во текот на летото кои драстично ја промениле состојбата во Охрид. Локалната воведе ред во приватното сместување, се зајакнаа контролите врз нарушувачите на комуналниот ред во делот на бучавост, се изрекуваа казни за нелиценцирани водичи. Се остварија работни средби со тур оператори со цел зголемување на странски гости од идната година од кога Општината ќе учествува во субвенционирање на евтини летови  од охридскиот аеродром. Летово била подобрена наплатата на туристичка такса  во делот на приватното сместување.    

Инаку, на средбата Владиниот тим, предводен од премиерот Груевски како и градоначалникот Бакрачески  ги слушаа проблемите на охриѓани,  земаа  податоци од истите и ветуваа брзо нивно решавање .

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1337  пати
Објавено на: 10.10.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©