Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СТИХОВИ И ЗВУЦИ ЗА ПРЛИЧЕВ
Untitled Document

Во родната куќа на лавроносецот, великиот Григор Прличев, денеска се одржа манифестацијата „ Стихови и звуци за Прличев“, на која  беше промовирано адаптираното издание на Прличевата автобиографија од Славе Ѓорго Димоски и беа доделени пофалниците за освоена прва  награда на литературниот конкурсот што традиционално го распишува Основното училиште „ Григор Прличев“ .

По изведбата на песната 1762 лето од страна на градскиот  хор при Центарот за култура „ Григор Прличев“ , градоначалникот Никола Бакрачески на Искра Андрееска и Даријан Ангелоски им ги врачи пофалниците за освоена прва награда на литературниот конкурс што традиционално го објавува основното училиште што го носи Прличевото име.

-Ми причинува особена чест и задоволство што и оваа година ќе им ги врачам пофалниците  на најдобрите млади литературни творци, победници на конкурсот што  го распиша Основното училиште „Григор Прличев“.Тоа се Искра Андрееска и Даријан Ангелоски, кои според жири комисијата, имале најбележити и најквалитетни литературни творби, кои ветуваат дека, овие двајца ученици можат да бидат дел од македонската книжевна иднина.
Им честитам на добитниците за освоените награди и им посакувам нивната љубов кон литературното соопштување на емоциите да биде мотивациски повод и за нивните другари и соученици да се занимаваат со литература.Вашите професори, но и ние од Локалната самоуправа сме обврзани да ја  подржуваме и афирмираме креативноста на младите, зошто таа е основен темел за формирање на здрави и образовно потковани генерации, кои ќе не водат во иднината.
Посебно треба да бидете горди, што пофалниците Ви ги врачуваме на оваа свеченост во Куќата на Григор Прличев, великанот чие дело  е безвремено и со универзално значење, дело кое било и вечно ќе биде инспирација за многу генерации-
рече градоначалникот Бакрачески.

Адаптираното издание на Прличевата автобиографија од Славе Ѓорго Димоски, на денешната свеченост, што се одржа во рамките на годинашните „ Прличеви беседи“ , го промовираше Проф. д-р Димитар Пандев. Во промотивната реч Пандев истакна дека со ова адаптирано издание на Автобиографијата на Прличев, се дава особен придонес во продлабочувањето на анализите на делото на Лавроносецот.

„Во овој возобновен дом на Прличев се собравме денеска да го промовираме неговото дело, овојпат со ново издание на Атобиографијата, облагородено со нови сознанија и со поинаков пристап кој ќе биде поблизок до младите генерации“ – рече Пандев.

Во културно- уметничкиот дел, ученици од гимназијата „ Св. Климент Охридски“ читаа делови од Автобиографијата, а настапи и Стефан Петрески- гитара од основното музичко училиште „ Методи Патчев“ .

Пред одржувањето на манифестацијата „Стихови и звуци за Прличев“, на гробот на Прличев беше одржана Панахида и положено свежо цвеќе.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1391  пати
Објавено на: 06.02.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©