ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ ИМ СЕ ОБРАТИ НА ФИЛАНТРОПИТЕ ОД ОХРИД И СТРУГА
Untitled Document
Во организација на Локалната Агенција за Развој, синоќа се оддржа голем Филантропски настан на кој беа доделени Признанија за филантропија на четириесет и два филантропи-општетствено одговорни организации, институции и поединци од охридско-струшкиот регион, кои реализирале добротворна активност или донирале средства за поддршка на заедницата.
На настанот, се обрати Градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, кој го истакна значењето и одговорноста која ја носат организациите и граѓаните, во поттикнување и реализација на помошта кон оние на кои таа им е неопходна.
"Филантропијата и како термин и како појава е стара колку што е старо човештвото. Во модерна смисла на зборот таа подразбира реализација на приватна иницијатива за постигнување на општо добро во функција на подобрување на квалитетот на животот. Филантропијата имала и има важна улога во развојот на општеството не само во материјална туку и во хумана и етичка смисла и бара заедничка соработка и партнерски однос меѓу сите сегменти на човековото живеење"- истакна во своето обраќање Градоначалникот Бакрачески.
Во рамките на овој Проект, кој според организаторите треба да прерасне во традиционален, биле спроведени повеќе активности за поттикнување на компаниите и индивидуалците за донирање на средства, време и знаење во локалната заедница на еден стратешки и фокусиран начин, со цел да се постигне позитивно влијание во повеќе сфери на општественото живеење.