Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
“ЗЛАТНА ОДАЈА“ ДОБИ ОХРИД
Untitled Document

Градоначалникот  Никола Бакрачески  заедно со министерката за култура на Република Македонија Елизабета Камческа – Милеска,   денеска присуствуваше на свечениот чин на отворање на “Златната одаја“ во куќата на Робевци.  Во собата  се сместени 447 артефакти, златни, сребрени  и позлатени предмети од  колекцијата на  охридскиот Завод и музеј кои потекнуваат од  7-ми век пред новата ера па се до 19 –от век на нашата  ера.      
Според градоначалникот Никола Бакрачески “Златната  одаја“ во куќата на Робевци    има двојно значење за Охрид. Од една страна  бројни   археолошки  златни и позлатени  предмети од  повеќе историски периоди  се враќаат  во градов  каде   се  и  откриени а од друга страна оваа одаја  ја збогатува туристичката понуда на Охрид што ќе допринесе  во привлекување повеќе гости.

 -Златната ритуална маска, златната рака, дискоидните златни розетни плочки, сребрената количка, железниот меч и копјата и сите други предмети  од гробот откриен  кај Горна Порта како и предметите откриени на други охридски археолошки локалитети ,  се сведоци  за  вековитоста на Македонската држава и истрајноста на Македонците низ различните епохи  кои   во исто време   не потсетуваат   дека    нашето  културно наследство  не   промовира   во целиот Свет.
“Златото  на Лихнитида“   изложено  во   одајата  од   куќата на “Робевци“ е  катче во кое е сконцентрирано богатото  охридското и македонско  културно- историско наследство кое  очигледно  ќе биде магнет за  бројни  домашни и странски гости.
 Ако  еден жител на Париз ја чувствува Ајфеловата кула или “Лувр“  како свои  препознатливи  објекти, тогаш  златната одаја   во Охрид  е   добра можност,   препознатливата   куќа на охридската фамилија  “Робевци“, во иднина да ги отвори своите врати за бројните  гости и туристи ,истакна во своето обраќање  градоначалникот Бакрачески.

Министерката за култура Елизабета Камческа  – Милеска  истакна дека музејската  поставка во куќата на Робевци , претставува приказ на времето на големиот процут на античкиот Охрид, време во кое Лихнид ковал автономни монети со познатиот македонски штит.

-Сите  предмети кои се прикажани во оваа “Златна одаја“ несомнено ја потврдуваат  моќта на златото како вредност, како единствена и најзначајна цивилизациска амајлија.  Овие артефакти се доказ за нашата историска присутност, но и за креативната  надареност која отсекогаш била одлика на цивилизациите кои се вкрстувале на нашето тло, потенцира министерката Камческа -Милевска.

Денеска пред бројните охриѓани и гости кои дојдоа да го проследат чинот на отворање на “Златната одаја“ , академик  Вера Битракова- Грозданова го  промовираше репрезентативниот каталог насловен како “Златото на Лихнитида“ од авторите, Паско Кузман и  Нада Почуча –Кузман.

-Во оваа публикација во воведните текстови има образложение за концепцијата  на делото кое го содржи целокупниот фонд на драгоцености откриени во  Охрид и регионот кои денес се сопственост на охридскиот музеј.  Потоа во каталогот има  студија - историја на појавата на златото  и неговата употреба во изработка на накит и останати предмети и драгоцености низ вековите, потоа  има краток преглед на политичката историја на Лихнид и неговата околина особено во античкиот период  во кој е инкорпориран новиот археолошки материјал  со што се дополнуваат празнините околу порано оспоруваната припадност на Лихнитида, потенцира академик Битракова –Грозданова.

Во  “Златната одаја“ во куќата на Робевци се поместени неверојатно вредни артефакти, ексклузивни наоди, како златната маска и ракавица од локалитетот Горна Порта, златната ромбоидна плочка, златниот колан со потекло од архајскиот период, потоа златната белегзија со животински протоми  од четврти век пред нашата ера. Во оваа соба  се изложени и   златните обетки гулабици од 3-2 век пред нашата ера од Требенишкото кале, повеќе златни обетки  со лавовски и негроидни глави, златни ѓердани со полу драги камења, вреден нумизматички  материјал од времето на Александар 3 Македонски и многу други артефакти кои се дел од македонската археолошка ризница.    

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1406  пати
Објавено на: 24.12.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©